Неизгласувањето на препораките на Народниот правобранител - техничка грешка?!

7 November, 2017 - 15:58

Техничка грешка и недоразбирање. Вака пратениците од мнозинството денеска се правдаа зошто вчера не ги усвоија препораките на Народниот правобранител за подобрување на состојбите во општеството, што беа сугерирани и од експертите на Прибе. Во салата беа присутни 61 пратеник, но „за„ гласаа само 37мина од потребните 40. Останатите сакале да го сторат тоа, но не успеале?!

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не можело да биде техничка грешка затоа што кворум имаше, токму тие останале во салата за да го обезбедат. Некои од нив гласале „за„, други „против„, но факт е дека мнозинството немаше доволно гласови за да се изгласаат препораките.

Револтиран од ваквото, како што го нарече, несериозно однесување на пратениците од мнозинството, Народниот правобранител препораките ќе ги достави директно до Vладата и ќе бара да се стават на седница. По шест месеци, пак,  ќе бара информација до каде е нивното остварување. Вели дека пратениците вчера го прекршија и законот, со тоа што не го изгласаа неговиот извештај.

Мерките кои Мемети сакаше да ги чујат пратениците предвидуваат зајакнување на контролата врз работата на полицијата и обвинителството. Бара да се укине комисијата за прекршоци во МВР, како и да се избришат гумените куршуми и електричниот парализатор како средства за присилба што ги користи полицијата. Од областа на судството, бара да се преиспита можноста Државниот правобранител да може да вложува жалба на одлука на Управен суд. Извршителите да не смеат да блокираат трансакциски сметки во банка, во затворите да се подобрат условите, безбедноста и здравствените услуги. Бара и надградба на системот „Мој Термин“ поради хаосот во здравството, а децата на улица да се запишат во матичните книги за да имаат идентитет, како и многу други мерки од областа на социјалната заштита.

Денеска и од Хелсиншкиот комитет реагираа дека не е сериозно владејачкото мнозинство да нема обезбедено кворум за да се изгласаат овие исклучително важни мерки и побараа нивно итно усвојување.

Далиборка Дамјанска Цветановска

 

Веста е прочитана 789 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.