Денеска пресуда за „Тврдина 2“

8 November, 2017 - 10:57

Во скопскиот Кривичен суд денеска треба да биде изречена пресудата за случајот „Тврдина 2“ во кој обвинети се поранешниот началник на УБК Горан Грујевски и уште шестмина вработени во УБК.

На минатото рочиште Специјалното јавно обвинителство побара најстрога казна за Грујевски како првообвинетиот во овој случај. Од СЈО образложија дека Грујевски го извршил кривичното дело на најдрзок начин, злоупотребувајќи ја својата моќ и позиција. Според СЈО, тој го наредил и организирал уништувањето на служебната документација поврзана со незаконското прислушување, се обидел да ги сокрие трагите кој и како прислушувал и да ја отежни истрагата, а потоа побегнал од државата за да избегне соочување со кривичното дело.  

За останатите шест обвинети, вработени во УБК, СЈО побара да им бидат изречени алтернативни мерки, односно условни казни. Одбраната на обвинетите, пак, побара ослободителна пресуда бидејќи во овој предмет, според нив, нема кривично, туку прекршочно дело. Првообвинетиот Грујевски е во екстрадициски притвор во Грција заедно со неговиот поранешен колега од УБК Никола Бошкоски, кој во „Тврдина 2“ требаше да се појави како сведок. Двајцата минатиот месец беа уапсени со лажни пасоши на аеродромот во Солун при обид да заминат за Будимпешта. Во тек е постапка за нивно екстрадирање.

Веста е прочитана 872 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.