Година и пол затвор за бегалецот Грујевски

8 November, 2017 - 15:59

На ситниот дожд дојде и ситна казна во првата пресуда изречена по обвинение на СЈО. Година и пол затвор за избеганиот Горан Грујевски, условни казни за 6-те службенички на УБК кои биле во комисијата и по налог на Грујевски противзаконски уништиле документација поврзана со нелегалното прислушување. Судијката ги прогласи за виновни и дека со умисла ги уништиле документи и „оневозможиле  тие да бидат користени како докази во понатамашни правни постапки“.

Одбраната очекувала ослободителни пресуди, бидејќи сметаат дека уништувањето оригинални документи со новите законски одредби не е фалсификување и дека СЈО не е надлежно во предметот.

Судијката Лидија Петровска во образложението на пресудата рече дека бидејќи станува збор за уништување на документи и списи поврзани со прислушувањето со што надлежноста е на СЈО. 5-те службенички добија условни казни од една година затвор доколку во рок од три години сторат ново кривично дело, додека последната доби условна од девет месеци затвор доколку стори дело во наредните две години.

Од СЈО не одговорија дали сега службеничките ќе може да се вратат на работа во УБК каде уништувале документи туку дека тоа прашање е за МВР. Судот смета дека службеничките морале да ја одбијат противзаконската наредба за уништување на документи, а не да учествуваат во уништувањето на документи кое им го наредил Горан Грујевски.

Екс началникот на 5-тата управа е во екстрадициски притвор во близина на Солун, а македонското министерство за правда на почетокот на неделата веќе го доставило барањето за екстрадиција до грчките власти кои треба да одлучат дали и кога ќе го испорачаат. Бегството на Грујевски му е земено како отежнителна околност во денешната пресуда.

Процесот го водеше судијката Лидија Петровска, која беше спомната во бомбите од нејзина колешка- дека со сваровски подароци се борела да стане судија. Првото рочиште беше закажано лани на 4-ти ноември и оттогаш процесот се развлече цела година за на крај да заврши со прва пресуда по предмет на СЈО.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 1892 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.