Иван Џолев - нов претседател на Кривичен

8 November, 2017 - 16:08

Со 11 гласа за и два против  судијата Иван Џолев  е избран во наредните 4 години да го предводи Кривичниот суд каде се слеваат предмети на СЈО, но и големите случаеви за организиран криминал. Официјална изјава и претставување на своите приоритети новиот претседател најави за утре, а во кусиот телефоснки разговор за Телма рече дека ќе ја оправда довербата.

„Ќе се залагам да се врати довербата во Судот и тој да биде гарант на граѓаните дека овде ќе може да остварат правда и правичност“, кажа Иван Џолев, нов преседател на Кривичен суд.

Првата честитка за Џолев дојде од претседателот на советот Зоран Караџовски, но дали тој гласал за или против новиот претседател на Кривичен не дознавме, бидјеќи  не застана пред камерите да одговори на новинарските прашања.

Џолев во 2002 година почнал како стручен соработник во Основниот суд Скопје 1, има 8 години и 11 месеци стаж на судија.

Со 192 добивени бодови и оценка многу  добар Џолев беше 6-ти односно предпоследен рангиран на листата на кандидати, но при гласањето членовите не им дадоа поддршка на кандидатите кои беа пред него, почнувајки од експретседатлеот Владимир Панчевски со кого Џолев во минатото јавно разменија критики, кривични пријави и претставки. За Панчевски гласаа 5-мина, 8 беа против за тој повторно да застане на чело на судот.

Дека оценките што судскиот совет им ги дал на кандидатите нема да бидат пресудни се насетуваше уште пред да почне гласањето кога членовите на советот еден по еден низ дискусија рекоа дека побитно е новиот претседател да  биде добар менџаер раководител, да ги консултира судиите при правење на распоредите, но пред се да ги среди влошените меѓучовечки односи во судот кој доби и прекар „сваровски“.

За судијката Весна Димишкова која медиумите ја ставаа меѓу фаворитите не се гласаше бидејќи Џолев беше пред неа на листата и ја доби потребната поддршка. Судијката Олја Ристова пак пред два дена писмено го известила советот дека ја повлекува кандидатурата. Пред да го избере новиот претседател Советот ја констатираше оставката на в. д. претседатлеот Стојанче Рибарев. Потенцираа дека си заминал поради здравствени причини.

На седницата не присуствуваше претседателот на Врховен Јово Ванглеовски кој имал неодложни обврски.

Елена Ивановска Мукоска

Веста е прочитана 1088 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.