Преговори за името кон крајот на ноември

8 November, 2017 - 16:12

Преговарачите за спорот со името ќе се сретнат кон крајот на месецов, потврди министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Датумот уште не е утврден. Медијаторот Метју Нимиц наскоро не доаѓа во регионот, првин ќе се почека да се види како ќе поминат средбите на преговарачите.

Димитров го негира тврдењето на грчките новинари дека веќе има и утврден распоред по кој ќе се решаваат спорните прашања меѓу двете земји,  велејќи дека на претходната средба е разговарано во кои области имаме заеднички интереси и може да се подобри соработката, но дека е рано да се даваат проценки за тоа што понатаму.

Не одговори директно на прашањето дали ќе се уриваат спомениците од проектот „Скопје 2014-та„, што ги иритираат Грците, но сепак остави простор и за такви претпоставки.

За изјавата на американскиот помошник државен секретар Хојт Ји, дека спорот со името е блиску до решение, вели дека има обид да се создаде позитивна клима за процесот, но тоа не е доволно.

Во грчките медиуми се тврди дека меѓу властите во Скопје и Атина постои јасна програма за решавање на спорот со името. Повикувајќи се на дипломатски извори, прецизираат дека, првин нашата влада ќе тргне дел од спорните споменици,  а потоа, прашањето за името ќе влезе во финална фаза.

Конечната одлука за името ќе овозможи, во април Европската комисија да побара Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, а на самитот во Брисел на 11 и 12 - ти јули следната година да се приклучи кон НАТО.  Според грчките дипломати, владејачкото мнозинство ќе биде ставено пред бројни тестирања, а со нив  ќе се соочи и опозицијата.

Далиборка Демјанска

Веста е прочитана 976 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.