Македонија и Грција ќе бараат „креативни решенија“ за спорот со името

8 November, 2017 - 21:32

Преговарачите за спорот со името ќе се сретнат кон крајот на месецов, потврди министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Датумот уште не е утврден. Медијаторот Метју Нимиц наскоро не доаѓа во регионот, првин ќе се почека да се види како ќе поминат средбите на преговарачите. Димитров го негира тврдењето на грчките новинари дека веќе има и утврден распоред по кој ќе се решаваат спорните прашања меѓу двете земји,  велејќи дека на претходната средба е разговарано во кои области имаме заеднички интереси и каде може да се подобри соработката, но дека е рано да се даваат проценки за тоа што понатаму. Не одговори директно на прашањето дали ќе се уриваат спомениците од проектот „Скопје 2014-та“ , кои ги иритираат Грците, но сепак остави простор и за такви претпоставки.

Синоќа Високиот претставник на Стејт департментот Хојт Ји, рече дека решавањето на спорот со името е досега на највисоко ниво и најблиску до изнаоѓање решение.

За изјавата на американскиот помошник државен секретар Хојт Ји, дека спорот со името е блиску до решение, Димитров е со став дека постои обид да се создаде позитивна клима за процесот, но и дека тоа не е доволно.

Во грчките медиуми се тврди дека меѓу властите во Скопје и Атина постои јасна програма и распоред за решавање на спорот со името.  Повикувајќи се на дипломатски извори, прецизираат дека најпрвин нашата влада ќе тргне дел од спорните споменици, а потоа, прашањето за името ќе влезе во финална фаза.

Конечната одлука за името ќе овозможи во април Европската комисија да побара Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, а на самитот во Брисел на 11 и 12 - ти јули следната година да се приклучи кон НАТО.  Според грчките медиуми прашањето за името  е во рацете на Коѕиас и Сириза. Косијас на брифинг со новинарите пред десетина дена, истакна дека сега е моментот за решавање на спорот.

“Би било добро спорот да се реши во првата половина на 2018 година и целиот процес да заврши до крајот на годината, а не да продолжи и во 2019 затоа што и во двете земји ќе има избори и тоа нема да биде соодветно време да се решаваат вакви прашања“.

Грчите медиуми тврдат дека Никос Коѕиас и и неговиот македонски колега, Никола Димитров, ќе изберат „задкулисни контакти за надминување на препреките“ и оти веќе постои „процес на два паралелни патишта“.

Првиот пат, кој што е суштината на мандатот на Метју Нимиц, ќе вклучува дискусии околу името и опсегот на употреба, каде што е очигледно дека тешкотијата лежи во обемот и толкувањето на ерга омнес.

Искусните набљудувачи веруваат дека промена на уставното име на Македонија ќе биде многу висока бариера и можеби ќе треба да се бараат повеќе „креативни решенија“.

Вториот пат е околу изведените придавки, кратенки и трговски имиња. Изведените придавки го вклучуваат идентитетот и јазикот, елементи кои го допираат јадрото на "македонизмот" и иредентизмот на Скопје, пишуваат грчките емдиуми потсетувајќи дека Коѕиас постојано истакнува оти иредентизмот мора да престане.

Во меѓувреме, во српските медиуми излезе шпекулацијата дека Хојт Ји би можел да биде новиот американски амбасадор во Македонија, и тоа токму во периодот кога решавањето на спорот за името треба да доживее забрзување.

Запрашан на темата, Ји ниту ја потврди, ниту ја демантираше шпекулацијата.

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 1795 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.