Тортевски: Јовески е партиско решение

8 November, 2017 - 21:41

Избор на човек за државен јавен обвинител од внатре од Обвинителството, од најлошата институција во системот, е како наместо Зоран Заев да требаше Владимир Пешевски да стане премиер за да спроведе реформи. Ова е коментарот на адвокатот Александар Тортевски за предлог на Владата Љубомир Јовески да дојде на место на Зврлевски. Тортевски во Топ Тема на Ваша страна изнесе критика за изборот на Јовески, но и мислење дека тој е партиско решение, со оглед, како што вели, напредок на Јовески во кариерата во одредени периоди, но и на тоа како наеднаш од нигде никаде се извлекува за јавен обвинител.

„Во разузнавачките кругови тоа се нарекува спијач“, рече Тортевски. Според него во изборот на Јовески, кој е на помалку од година пред пензија, постои некаков „дил“, а на прашањето што треба да одработи Јовески по именувањето, тој кратко рече: „Или одработил“.

Според Тортевски за прв човек требаше да биде избран човек од надвор бидејќи тој нема хипотека за се она што се случуваше и за нивото во кое е доведено Јавното обвинителство.

„Јовески не требаше да биде избран оти со него се потврдува изреката - молчењето е злато, во неговиот случај е дијамант“, констатираше тој.

Тортевски, кој и самиот беше кандидат за јавен обвинител, сепак не се сомнева дека Јовески сега ќе вложи многу енергија за расчистување со предметите на криминал од претходната власт, но не е оптимист за односот кој ќе го има Јовески кон актуелната власт.

Адвокатот Оливер Вуксановиќ пак смета дека Јовески има кредибилитет да биде државен јавен обвинител  и дека е вистински човек на вистинско место. „За разлика од другите кандидати Јовески е предложен од колегите и со тоа треба да му дадеме можност да се покаже“, рече Вуксановиќ.

И Вуксановиќ и Тортевски се согласни дека она што му претстои на Јовески по преземањето на Обвинителството е да го исчисти прво сопствениот двор.

„Ако некој од ЈО се огрешил од законот, колегата Љубомир прво треба да си ја измете куќата и некој да одговара“, рече Вуксановиќ во Топ Тема на Ваша страна.  Тортевски смета дека новиот Обвинител ќе треба да расчисти внатре и да одгоори зошто покрај Обвинителство имаше потреба од формирање на СЈО.  Да се испитаат пропустите на ЈО во водењето на многу случаи, како на пример зошто насилството од  27 април се води како „учество во толпа“, да ја испита работата на обвинителите меѓу кои и на оној кој четири предмети за поврзани со „бомбите“ вршел распит во траење од вкупно11 минути.

И давјацата адвокати запрашани за денешната пресудата од една и пол година затвор за Горан Грујовски, поранешен началникот на УБК, кој беше обвинет за незаконско уништување на документацијата за нелегалното прислушување, сметаат дека одлуката на судијката е во рамките на законот и правилникот за одредување на казна.  

Веста е прочитана 4402 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.