Како работната група ќе го подобрува безбедносно-разунавачкиот систем кога владата веќе одбра модел!?

9 November, 2017 - 15:46

Ќе ги предводи Сиљан Аврамовски, вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање со уште десетмина колеги. 29 имиња брои работната група од која владата бара да ги изготват промените на безбедносно-разузнавачкиот систем на државата по препораките на Прибе. Меѓу нив, четворица пратеници, и само еден универзитетски професор, а ниту еден невладин претставник. Вчера ги добиле решенијата за работа, а до нова година треба да ги завршат законските измени за моделот кој владата веќе го одбра за начинот со кој во иднина ќе се прислушува.

Предлогот прислушувањето да се подели меѓу УБК и уште една нова државна агенција дојде од швајцарската невладина организација која предложи 4 модели за реформа на тајната полиција и следењето на комуникацииите, а владата го прифати налик оној на Хрватска. Министерот, пак, за внатрешни Оливер Спасовски на денешната дебата за измените во следењето на комуникациите кои претстојат уште еднаш посочи дека промените нема да поминат без отворена критика од јавноста и експертите.

И Спасовски и Николовски на УБК не негираат дека моделот е избран внатре во МВР, предложен до владата и одборен од владата без опсежна и јавна дебата. Во брзање да се испорачаат брзи реформи, владата се одлучи за готово решение кое сега и самите експерти во работната група не можат многу да го променат, е првата критика од академската јавност.  

Најдоцна до декември работната група ќе ја има и најтешката задача, да предложи кои закони треба да се променат, и дали треба да се изготви нов закон за да може да стапи на сила новиот модел. Првите пречки се во членот 175 од Законот за следење на елеткронски комуникации, кој се најде во критиката на Прибе, го критикуваше тогашната опзициска СДСМ, која пак сега побара Уставниот суд да не се произнесува за негово поништување како неуставен. 

Павле Беловски

Веста е прочитана 1474 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.