Иванов уште еднаш повика на брзо зачленување во НАТО

9 November, 2017 - 15:53

Претседателот Иванов уште еднаш повика на брзо зачленување во НАТО. Падот на Берлинскиот ѕид кој се случил на денешен ден пред 28 години, двапати беше спомнат од Иванов пред началниците на армиите од петте земји членки на Јадранската повелба и пред вториот човек на командата на американската армија за Европа. Според претседателот, токму уривањето на ѕидот во германската престолнина требало наместо блоковска поделба, да донесе целосно обединување на стариот континент во НАТО и во Европската Унија.

Во Скопје се одржува 21-вата годишна конференција на началниците на Армиите од Јадранската група, во која покрај Македонија спаѓа Босна и Херцеговина, и трите земји кои веќе се во НАТО, Црна Гора, Хрватска и Албанија. Присуствуваат и гости од соседните армии, како и командантите на националните гарди од 5 држави во САД, а главна тема им е како да ја зголемат соработката и како балканските земји да станат целосно интегрирани во НАТО.

Иванов покрај роденденот на падот на Берлинскиот ѕид, пред генералите ги преброја сите жители на Европа кои биле на боиштето во Ирак и Сирија и облекле униформа на озлогласената ИСИС.

Според бројките на Иванов, од Европа имало околу 5.600 борци, односно секој девети војник на ИСИС бил од Европа. Има и терористи кои го користат бегалскиот бран за инфилтрација во Европа, анализира претседателот пред генералите собрани во Скопје.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 1011 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.