СИЕР бара трпение од работниците, се чека нова понуда од Енекод за ФЕНИ

9 November, 2017 - 16:03

Синдикатот за енергетика и рударство ќе бара од вработените во ФЕНИ трпение, се до 13 ноември, за кога е закажано стечајното рочиште. Ова следува откако денеска Синдикатот на ФЕНИ заедно со првиот човек на Синдикатот за енергетика и рударство и градоначалникот на Кавадарци, имаа средба со вицепремиерот Кочо Анѓушев, на која е соопштено дека се очекува бнугарскиот инвеститор Енекод да излезе со нова понуда до банките доверители, откако претходната од 3 милиони евра од нив беше беше отфрлена, бидејќи нивните побарувања се 40 милиони евра.

Првиот човек на СИЕР, Ристески, соопшти дека за работниците е најбитно да не го изгубат работниот однос, редовно да добиваат плати, и што побрзо да почне процесот на рестартирање на комбинатот. Доколку не се постигне договор со Енекод, Ристески вели дека постојат уште двајца заинтересирани инвеститори, швајцарски фонд и француска компанија, но преговори со нив се можни дури после евентуално отворање на стечајната постапка.  

Денеска вработените протестираа втор ден, со блокирање на патот Росоман Прилеп, откако вчера својот револт го изразија пред трите банки доверители.

Претходно, пак, привремениот стечаен управник, Мирослав Анастасиевски, изјави за медиумите дека во финална фаза е изготвувањето на Извештајот за спроведена претходна постапка, кој ќе биде поднесен до Основниот Суд Велес.  „Од направените анализи се препознава компанија која е западната во тешка финансиска состојба како резултат на слабо менаџирање и лоши деловни одлуки. Фени има добар бизнис потенцијал, а отварање на стечајна постапка во овој момент е единствен начин за зачувување на имотот, спречување на настанување на штети и изнаоѓање на најбрзо можно решение за рестартирање“, вели стечајниот управник.

Веста е прочитана 1327 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.