Македонско-руските односи влегуваат во „жестока“ фаза?!

10 November, 2017 - 21:47

Македонско – руските односи доживуваат историско ниско ниво. Новата македонска Влада, која си зададе амбициозна евроатлантска агенда, серија на храбри потези за подобрување на односите со соседите, забрзување на решавањето на спорот за името, во исто време, почна драматично да ги заладува односите со Москва.

Повод за последниот дипломатски инцидент, во веќе една серија недоразбирања која трае 6 месеци, кулминираше по интервјуто на Зоран Заев за црногорскиот медиум „Антена М“, каде премиерот изјави дека очекува жестока реакција од Русија кога ќе дојде време за нашиот влез во НАТО алијансата и дека добивал предупредувања за опасност од атентат.

Ако нешто беше жестоко, тогаш тоа е руската реакција на изјавата на Заев.

„Категорично изјавуваме дека ваквите тврдења се неосновани и ги сметаме за недозволиви. Со жалење констатираме дека истите ја уриваат атмосферата на доверба меѓу нашите две земји, и нанесуваат штета на повеќегодишната заемно полезна соработка и се косат со декларираната од страна на Скопје подготвеност за градење конструктивна соработка со Русија, желба за развој на пријателските односи меѓу нашите две земји“-се вели во вчерашната реакција на Руска амбасада во Скопје.

На денешната прес конференција, Заев се обиде да ја намали тензијата.

Но, влошувањето на односите со Москва не е од денес. Хронологијата на отвореното заладување на односите, датира некаде од крајот на македонската политичка криза и комплицираното составување на новото мнозинство. Тогаш, Москва ќе ги извади дипломатските ракавици и отворено ќе се замеша во внатрешните работи на Македонија, завземајќи ја страната на дотогаш владејачката коалиција на Груевски.

„Под псевдодемократски слогани продолжува длабокото надворешно влијание врз политичките сили во Македонија. Целта е очигледна, западот да расчисти со македонските политичари кои не му се омилени и покрај јасно изразената волја на граѓаните на изборите во полза на коалицијата „За подобра Македонија“ на чело со Никола Груевски и ДУИ на Али Ахмети“,се нагласува во реакцијата од руското МНР.

Што со помош на Западот, што Македонија сама, и преку едни локални избори, делува како да расчистила со Груевски, но, Властите како да и не заборавија на Москва за мешањето.

Во август месец, ќе се отвори нов фронт со Русија. Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, во интервју за Блумберг ќе излезе со ставот дека на Македонија и е потребно членство во Алијансата за да не заштити од Русија:

„Влијанијата врз оваа стратешка цел не се од помош и не се пријателски. Видовме некои истечени информации, уште пред Владата да биде избрана, за руски обиди да се влијае врз клучните политички и безбедносни области. И ние сме загрижени за тоа. Веруваме дека членството на Македонија во НАТО може да им стави крај на овие обиди“

На ова веднаш реагираше руското МНР преку портпаролаката Захарова, која обвинувањата за мешање во внатрешните прашања на Македонија ги нарече исконструирани и неосновани, упатувајќи покана до Шеќеринска.

Имајќи предвид дека претходна жртва на „Блумберг“ неодамна беше и српската премиерка Ана Брнабиќ, ја повикуваме Агенцијата да го објави целиот текст од интервјуто, како и аудио и видео снимката од разговорот со Шекеринска.

Барање кое за разлика од српската премиерка Брнабиќ, македонската министерка одби да го спроведе. Во минатонеделното интервју за Топ Тема, Шеќеринска се обиде да ги омекне ставовите на македонската влада.

Но, засега двете работи не одат заедно.

За танго и за караница секогаш се потребни двајца, но прашањето е колку е мудро или неопходно, за една мала држава како Македонија, до овој степен да ги антагонизира односите со една светска сила како Русија.

Ставот дека го решаваме името и потоа по автоматизам ни следува влез во Алијансата делува како прекомотна приказна за Македонија. Отсуството пак на видливи активности околу нашите НАТО амбиции, не може да послужи како покритие за правењето бељи со Русија. Од друга страна, приметлива е и внатрешнополитичката калкулација. Загрозувањето на односите со било која земја, особено светска сила, заради внатрешно политички или меѓупартиски поставености е недозволив и крајно неодоговорен чин.

Чувството е како новата влада да сака да глуми жртва на Русија, додека ја преувеличува опасноста од Истокот, а во исто време претставувајќи го ВМРО ДПМНЕ како чедо на Москва.

Нешта што делуваат како далеку од реалноста и како една многу кратковидна нарација. 

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 5169 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.