ФУДБАЛ

Ангеловски: Сакаме со победа да ја завршиме успешната година за македонскиот фудбал

7 November, 2017 - 15:56

Селекторот Игор Ангеловски попладнево ја имаше првата прозивка на повиканите фудбалери за пријателскиот натпревар со Норвешка, што ќе се одигра на 11 ноември на арената „Филип Втори“ во Скопје. За овој последен натпревар на нашиот национален тим за оваа година, Ангеловски се соочува со доста откажувања поради повреди. Тој најпрво го ослободи Илија Несторовски на барање на неговиот клуб Палермо, а поради повреда не може да смета на Никола Ѓорѓев. Неизвесни за настап се Кире Ристевски и Висар Муслиу, кои имаат повреди, а слична е и ситуацијата со Аријан Адеми, па дополнителните медицински прегледи ќе покажат дали ќе може да игра или ќе го скокне дуелот со Норвешка. Изненадување на првиот собир беше името на младиот 17-годишен фудбалер на германскиот третолигаш Унтерахинг, Анес Османовски со што Ангеловски ја продолжи традицијата на секој собир да вметнува по еден екстра талентиран млад фудбалер.

„Без разлика на отсуствата на неколкумина фудбалери, јас верувам во тимот и во играчите кои ги имаме на располагање за претстојниот натпревар. Знаеме што нѐ очекува, ќе се соочиме со различен стил на игра кој го форсираат норвежаните, но верувам дека ќе го наметнеме нашиот ритам и со успех ќе ја завршиме фудбалската 2017 година. На овој дуел ќе пробаме неколку тактички варијанти и се надевам дека сите ќе бидат на висина на задачата. Ново име во репрезентацијата е Османоски кој е дел од младите национални тимови на Македонија и со тоа ја продолжуваме праксата да им дадеме шанса на младите кои во иднина можат да бидат важен дел од А тимот, како што е случајот со Чурлинов, Елмас, Атанасов. Кире Маркоски исто така ќе биде дел од составот на Македонија, околностите во тимот за него се познати и верувам дека ќе ја оправда довербата, исто така како што го направи тоа во квалификациите за младинското ЕП 2017“, изјави Игор Ангеловски.

Македонија се надева на позитивен резултат со Норвешка и со тоа да го продолжи подобрување на ранкингот. По добрите резултати годинава, нашиот национален тим успеа да напредува дури 80 места и моментално се наоѓа на 85-тото место на ФИФА-листата.

Веста е прочитана 177 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.