АБА ЛИГА

ЦРВЕНА ЗВЕЗДА НЕ ДОЗВОЛИ ИЗНЕНАДУВАЊЕ ВО БЕЛГРАД, МУ ГО НАНЕСЕ ДЕВЕТИОТ ПОРАЗ НА КАРПОШ С.

21 November, 2016 - 20:41

Карпош Соколи го доживеа деветиот пораз во кошаркарската АБА лига. На гостувањето кај бранителот на титулата екипата на Црвена Звезда загуби со 91:70 во последниот натпревар од 10 коло од Регионалното натпреварување.

По израмнетото прво полувреме кое заврши 38:38, Карпош Соколи издржа 26 минути во Белград кога последен пат резултатот беше израмнет 46:46, пред актуелниот првак во Регионалната конкуренција да ја направи победничката серија од 16:6 и на крајот од третиот период да го најави 10 триумф со двоцифрено водство од 62:52.

Подобриот шут од поле за 11 проценти и седумте грешки помалку беа главната причина за новиот успех на сеуште непоразениот тим во Јадранската лига, за кого Милко Бјелица и Марко Симоновиќ, двајцата со по 21 поен беа најдобрите поединци на паркетот во арената „Александар Николиќ“. Во редовите на гостите Драган Лабовиќ со 16 поени беше прв стрелец и единствен со двоцифрен учинок.

Карпош Соколи следниот натпревар ќе го дочека и натаму од последната позиција. Во сабота на 26 ноември ќе и биде домаќин на Цедевита.

Веста е прочитана 346 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.