ТЕНИС

ФЕДЕРЕР РЕКОРДЕН ОСМИ ПАТ НА ТРОНОТ НА ВИМБЛДОН

16 July, 2017 - 18:53

Роже Федерер по пет години пауза повторно го освои Вимблдон, осми пат во кариерата и влезе во историјата како најтрофеен тенисер на терените во „Сеанглискиот“ клуб во Лондон, оставајќи ги зад себе со седум во Опен ерата легендраниот Американец Пит Сампрас и пред неа Британецот Вилијам Реншо.

На централниот терен Швајцарецот беше убедлив во финалето против Хрватот Марин Чилиќ кого го совлада без загубен сет за 101 минута со 6:3, 6:1 и 6:4.

Федерер, кој со 36 години стана највозрасниот шампион на Вимблдон, мечот го заврши со 23 винери и само осум неизнудени грешки. Чилиќ оствари 16 винери а имаше дури 23 неизнудени грешки.

До триумфот во 11 финале швајцарскиот тенисер стигна без грешка бидејќи сите мечеви ги доби во три сета за рекордната 19 грен слем титула што го прави најуспешен и речиси недостижен од големите турнири, бидејќи најблиску до него е Шпанецот Рафаел Надал со 15.  

Чилиќ, кој имаше проблеми со стопалото, не успеа да го повтори успехот на сонародникот Горан Иванишевиќ од 2001 година. Остана со единствениот трофеј од големите турнири освоен на УС опен пред три години.

Од утре на најновата АТП ранг листа Федерер ќе биде трет, веднаш по Британецот Енди Мареј и Шпанецот Рафаел Надал, а пред Србинот Новак Ѓоковиќ, Швајцарецот Стан Вавринка и шестопласираниот Чилиќ.

Веста е прочитана 1506 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.