ТЕНИС

ЃОКОВИЌ ЗА ИСТОРИЈА, ГИ КОМПЛЕТИРАШЕ ГРЕН СЛЕМ ТИТУЛИТЕ СО РОЛАН ГАРОС

5 June, 2016 - 19:52

Конечно му се посреќи на Србинот Новак Ѓоковиќ на Отвореното првенство на Франција. На „Филип Шатрие“ во Париз го подигна победничкиот пехар на тројцата мускетари во четвртиот обид и ја комплетираше колекцијата со единствениот трофеј што му недостигаше од четирите грен слем турнири.

Првиот рекет во светот на финалниот меч направи пресврт и го совлада Британецот Енди Мареј со 3:1 за нешто повеќе од три часа и игра.

И покрај тоа што го загуби првиот сет со 6:3, Ѓоковиќ не потклекна во вториот туку го доби убедливо со 6 - 1 и израмни откако во поконцетрирана игра го подобри сервисот и ги намали грешките.

Во сличен ритам продолжи и во наредните два сета. Му препушти на Мареј два гејма во третиот и четири во четвртиот сет за конечен триумф, закитувајќи се со 12 грен слем титула во неговата кариера на 115 издание од Ролан Гарос.

Во шестото финале по ред Ѓоковиќ ги заокружи титулите од грен слем турнирите. Започна лани на Вимблдон, па преку Ју Ес Опен, а сезонава славеше на Австралија опен и заедно со Ролан Гарос стана осмиот тенисер во историјата со победи од сите четири, или врзано, трет, но во некалендарска година, откако претходно тоа го сторија само Австралиецот Род Лејвер и Американецот Дон Баџ. 

Ѓоковиќ во Париз го освои 65 турнир во кариерата за кој заработи два милиона и 200 илјади евра.

Веста е прочитана 249 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.