ГОНЗАЛЕС:

ГОРД СУМ ШТО ЌЕ БИДАМ СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНИЈА

31 March, 2017 - 18:01

Како што се најавуваше во изминатите неколку дена, тренерот на Вардар, Раул Гонзелс ја доби довербата од Управниот одбор (УО) на Ракометна федерација на Македонија (РФМ) да го предводи националниот тим во следните две ипол години. РФМ најпрвин на седница на УО предвремено го разреши од селекторската функција Лино Червар а потоа и официјално се договори со шпанскиот стратег на заедничка соработка од први април 2017 година до први септемрви 2020 година. Двете страни истакнаа дека ќе разговаарат и ќе го оценуваат постигнатото по секој циклус од квалификациите за пласман на големите натпреварувања.

„Горд сум што ќе бидам селектор на Македонија. Веднаш ќе почнеме со работа и јас ќе се вложам максимално, како и секогаш. Мислам дека вклопувањето нема да биде тешко поради тоа што сум тука, во Скопје. Ги знам македонските играчи, сакам во наредниот период да поразговарам со сите посебно и верувам дека ќе се подготвиме добро за предизвикот кој не очекува“, истакна Раул Гонзалез.

Новиот селектор на „црвено жолтите“ своите асистенти ќе ги соопшти во текот на следната недела. Во стручниот штаб како што најави ќе преферира да постави соработници од домашниот кадар. Што се однесува до националниот тим и првиот список малку ќе почека бидејќи Гонзалес најпрвин ќе се обиде да направи индивидуални разговори со сите кандидати. Своето деби на клупата на македонската репрезентација шпанскиот стручњак ќе го има пред своите гледачи на четвртти мај против Исланд во квалификациите за Европското првеснтво во Хрватска.

Веста е прочитана 1225 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.