ФОРМУЛА 1

ХАМИЛТОН НАЈБРЗ ПРЕД СВОЈА ПУБЛИКА ТРЕТА ГОДИНА ПО РЕД

10 July, 2016 - 19:26

Британецот Луис Хамилтон беше најбрз на денешната трка во Формула 1 шампионатот што се возеше за Големата награда на Велика Британија. Ова беше трета победа по ред за возачот на Мерцедес на патеката „Силверстоун“ или вкупно четврта, со што се изедначи со Најџел Менсел.

Воедно, британскиот возач ја оствари 47 победа во кариерата, а со четвртиот успех на последните пет трки сезонава му се доближи на тимскиот колега Германецот Нико Розберг на само четири бодови негатива во Генералниот поредок кај возачите.

Розберг го освои второто место, додека Холанѓанецот Макс Верстапен на Ред Бул заврши на третата позиција.

Бодови освоија и Австралиецот Даниел Рикиардо (Ред Бул), Финецот Кими Раиконен (Ферари), Мексиканецот Серхио Перез (Форс Индија), Германецот Нико Хулкенберг (Форс Индија), Шпанецот Карлос Сајнц (Торо Росо), Германецот Себастијан Фетел (Ферари) и Русинот Данил Квајт (Ред Бул).

Во Генералниот пласман и натаму води Розберг со 171 бод, пред Хамилтон со 167 и Раиконен со 106 бодови.

Следната трка од шампионатот во Ф1 ќе се вози на 24 јули на патеката „Хунгароринг“ за Големата награда на Унгарија.

Веста е прочитана 236 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.