ФОРМУЛА 1

ХАМИЛТОН МУ ЈА УКРАДЕ ПОЛ-ПОЗИЦИЈАТА НА РОЗБЕРГ

14 May, 2016 - 17:48

Возачот на „Мерцедес“ Луис Хамилтон ја освои пол-позицијата за утрешната петта трка сезонава во формула еден шампионатот што ќе се вози на патеката „Каталуња“ крај Барселона за Големата награда на Шпанија.

Актуелниот првак за 52 старт од првото место во кариерата на официјалните квалификации извозе најбрзо во последниот круг кога успеа да го победи за 280 илјадити делови од секундата тимскиот колега Германцеот Нико Розберг.

Хамилтон му го прекина низот од две трки на Розберг на кои ја обезбеди пол-позицијата и направи голем чекор кон првата сезонска победа по четирите на лидерот во шампионатот.

Возачите на „Ферари“ Финецот Кими Раиконен и Германецот Себастијан Фетел се губитници на денот бидејќи во последната секунда пропуштија шанса да го резервираат вториот ред за кого се изборија пилотите на „Ред Бул“, Австралиецот Даниел Рикиардо и Холанѓанецот Макс Ферстапен, кој пред неколку дена се пресели од „Торо Росо“ на местото од казнетиот Данил Квјат од Русија.

По оваа шесторка од седмото до десетото место утрешниот старт за Шпанското гран при го обезбедија, Финецот Валтери Ботас на „Вилијамс“, Шпанецот Карло Саинс Јуниор на „Торо Росо“, Мексиканецот Серхио Перес на „Форс Индија“ и Шпанецот Фернандо Алонсо на „Мекларен“, кој за првпат сезонава стигна до третиот круг од квалификациите.

Во Генералниот поредок кај возачите Розберг води со максимални 100 бодови, 43 повеќе од вторпласираниот Хамилтон. 

Веста е прочитана 266 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.