РИСТОСКИ:

ИАКО ЕСТОНИЈА Е ФАВОРИТ ВО ГРУПАТА НИЕ ОДИМЕ ПО БОДОВИ

8 July, 2015 - 19:20

Македонската одбојкарска репрезентација против Естонија ќе го почне второто учество во Европската лига. На гостувањето во Парну нашите одбојкари одат со цел да освојат барем некој бод со што би си ги зголемиле шансите за повторување на ланскиот резултат кога играа во полуфиналето.

Селекторот Жарко Ристоски фаворитската улога, не само на дуелите со Македонија, туку и во групата и ја додели на Естонија.

„Многу силна селекција која има три настапи во последните шест години на Европските првенства. Најголемата опасност доаѓа од нивните четворица најискусни играчи, предводени од Адо Крек кој беше колега на нашиот Никола Ѓорѓиев во тимот на Париз волеј. Не сме оптоварени со императив од две победи, но ќе се потрудиме да им зададеме колку можеме поголема мака и од овој двомеч да се вратиме барем со некој освоен поен“, рече Ристоски на денешната прес-конференција.

Капитенот Никола Ѓорѓиев очекува добро издание на Македонија.

„Ја респектираме Естонија и малку се плашиме од нив, но истото тоа важи и за нив кои тотално не почитуваат и од сознанијата што ги имам одат барем на една победа со нас. Имаме одлична атмосфера во репрезентацијата, добри услови, работевме напорно и одиме „гради во гради“ со цел да не бидеме со нула бодови по двата натпревари што заедно со максимални 18 поени на домашен терен е рецептот за „фајнл-фор“, потенцира Ѓорѓиев.

Македонија на 10 и 11 јули гостува во Естонија, потоа следуваат шест натпревари на домашен терен, по два со Израел (18 и19 јули), Данска (25 и 26 јули) и Австрија (1 и 2 август), за натпреварите во А групата македонската селекција да ги заврши на гостувањата во Полска на 7 и 8 август.

Во Б групата учесници се Словенија, Турција, Грција, Белорусија, Хрватска и Романија. 

Веста е прочитана 212 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.