АБА ЛИГА

КАРПОШ СОКОЛИ НИКАКО ДА НАПРАВИ СЕФТЕ, НАДИГРАН И ОД ФМП

7 November, 2016 - 21:42

Карпош Соколи остана единствената екипа која и по осум одиграни натпревари не успеа да оствари триумф во Јадранската кошаркарска лига. Македонскиот претставник никако да направи сефте во своето деби учество во регионалното натпреварување откако и со новиот тренер Драган Николиќ беше совладан на гостувањето во Белград од домашниот ФМП со 67:62, во претпоследниот дуел од осмото коло.

Домашниот тим го контролираше резултатот во текот на целиот натпревар. Во вториот период стигна и до двоциферена предност од 31:21, но до одморот скопскиот тим успеа да ја преполови на само пет негатива.

Во продолжение ФМП ги отфрли сите обиди на Карпош Соколи да се доближи па дури и последната можност на почетокот од 40 минута при резултат 64:59 кога Драган Лабовиќ не ги реализираше двете слободни фрлања. Карактеристика на овој меч беа 22 грешки на гостинскиот состав.

За домаќините, кои го прекинаа низот од четири порази по ред, најдобар поединец беше Филип Човиќ со 22 поена, додека од таборот на гостите во новиот осми пораз се истакнаа Лабовиќ и Рајан Ричардс двајцата со по 13 погодоци.

Карпош Соколи следниот натпревар ќе го одигра пред своите гледачи на 12 ти ноември против лидерот Будуќност.

Веста е прочитана 282 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.