РАКОМЕТ

КИРИЛ ЛАЗАРОВ ЈА МЕНУВА БАРСЕЛОНА СО НАНТ

17 February, 2017 - 20:25

Кирил Лазаров од идната сезона се сели во француското ракометно првенство и ќе го носи дресот на Нант. Капитенот на македонската ракометна репрезентација потпиша двегодишен договор со учесникот во Лигата на шампионите откако на крајот од сезонава му завршува четиригодишниот претстој во Барселона.

Најдобриот десен бек во светот ја избра најдобрата понуда од неколкуте што ги имаше во изминатиот период. Се реши за нов предизвик бидејќи со Каталонците ги освои сите трофеи а собори и неколку рекорди.

Во новиот клуб ќе соработува со Алберто Ентрериос, кој е негов соиграч од Реновалиа Сиудад Реал (Атлетико Мадрид), а сега ја извршува функцијата помошник тренер. Во ростерот на Нант се наоѓаат и поранешните соиграчи на Лазаров од Барселона, Гурбиндо и Белегер.

Новата екипа на Лазаров во францускиот шампионат се бори за титулата и има заостанување од еден бод во однос на лидерот ПСЖ.

Нант со Лазаров го започнува проектот во кој ќе се обиде да им се доближи на ПСЖ и Монпелје и да биде секоја година дел од Лигата на шампионите. Нашиот ракометар официјално ќе биде претставен по завршувањето на сезоната.

Во својата кариера Лазаров го носеше дресот на: Овче Поле, Борец, Пелистер, Бадел 1862 Загреб, Фотекс Веспрем, Кроација Осигурање Загреб, Атлетико Мадрид (Сиудад Реал) и Барселона.

Во клупскиот ракомет капитенот на македонската ракометна репрезентација освои 52 трофеи. 

Веста е прочитана 607 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.