СП РАКОМЕТ

МАКЕДОНИЈА ГО ЗАВРШИ НАСТАПОТ ВО ОСМИНАФИНАЛЕТО НА МУНДИЈАЛОТ ВО ФРАНЦИЈА

21 January, 2017 - 19:36

Македонската ракометна репрезентација загуби од Норвешка со високи 34:24, во првото осминафинале на Светското првенство во Франција што се одигра во Албервил и не успеа во третиот обид да се пласира во најдобрите осум на мундијалските завршници.

„Црвено-жолтите“ иако ослабени без Дејан Манасков и Филип Миркуловски имаа сили да одиграат добро само во прво полувреме во кое имаа и водство со 9:8. Скандинавците возвратија и на полувреме отидоа со водство од 12:10. Македонските ракометари можеа да имаат и поповолен резултат доколку реализираа барем дел од неколкуте одлични позиции. Три пати беше погодувана и рамката од голот.

Сепак, отсуството на двајцата од првиот тим значително се почувствува во вторите 30 минути. По една и пол минута во вториот дел  беше 14:10. Неколкуте грешки во нападот им овозможија лесни голови на Норвежаните и високи осум голови предност во 43.минута, а девет минути подоцна за првпат и двоцифрена разлика (28:18) за рутинирано приведување на мечот кон крајот.

Кире Лазаров со шест голови беше најефикасен во нашата селекција, Стојанче Стоилов четири пати го совлада противничкиот голман. Кај Норвежаните Јондал и Сагосен имаа шест реализации.

Остана пропуштена можноста Македонија да го забележи најдобриот пласман на Светските првенства, но со самиот пласман во втората фаза првенствената цел беше исполнета.

Избраниците на Лино Червар шампионатот го завршија со две победи (Тунис и Ангола), еден нерешен резултат (Исланд) и три порази (Словенија, Шпанија и Норвешка).

Веста е прочитана 719 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.