ФУДБАЛ

МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД ЈА ОСВОИ ТИТУЛАТА ВО ЛЕ

25 May, 2017 - 18:37

Манчестер Јунајтед ја освои шампионската титула во фудбалската Лига на Европа. Во финалето што се одигра во Стокхолм го совлада Ајакс со 2:0 и по пауза од девет години се закити со европски трофеј.

На „Френдс“ арената победи искуството против младоста но и тактиката на тренерот Жозе Мурињо, кој успешно го неутрализирале холандскиот состав во чии нозе беше поседот на топката, а упати и 17 удари кон голот.

И покрај таквата иницијатива на крајот се радуваа „црвените ѓаволи“ со погодоците на Пол Погба, кој го постигна првиот гол во првото полувреме а на почетокот од второто Хенрик Мхитарјан го постави конечниот резултат.

Тимот од „Олд Трафорд“ се приклучи на одбраното друштво како петти член на групата клубови кои успеале да ги освојат сите европски трофеи. Претходно тоа го сторија уште Јувентус, Ајакас, Баерн од Минхен и Челси.

Манчестер Јунајтед на овој начин обезбеди пласман во Лигата на шампиони следната сезона, бидејќи во Премиер лигата ја освои шестата позиција. Исто така го резервираше местото за Супер купот закажан на осми август на Филип Втори арената во Скопје. Вториот учесник за овој спектакуларен меч ќе биде познат на трети јуни кога во Кардиф Јувентус и Реал од Мадрид ќе се борат за титулата во Лигата на шампиони.

Поголемиот дел од тимот на Манчестер Јунајтед овој трофеј во Лигата на Европа го посветија на жртвите од терористичкиот напад што се случи по завршувањето на концертот на Аријана Гранде. Поранешниот член на најтрофејниот англиски тим Дејвид Бекам испрати емотивна порака во која истакна дека спортот носи малку радост за градот и целата земја во тешките моменти во кои се молиме за мир.

Веста е прочитана 869 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.