ТЕНИС

СЕ НАЅИРА СЕСТРИНСКО ФИНАЛЕ НА ВИМБЛДОН

5 July, 2016 - 19:16

Познати се полуфиналните двојки во женска конкуренција на Вимблдон третиот грен слем тениски турнир сезонава. Во „Сеанглискиот клуб“ во Лондон, првиот рекет во светот, Американката Серена Вилијамс славеше победа во четвртфиналето над Русинката Анастасија Павличенкова од 2:0, препуштајќи и по четири гејма во двата сета. Помладата од сестрите Вилијамс на патот до финалето ќе има уште една Русинка, Елена Веснина, која за најголемиот успех од големите турнири во кариерата се погрижи по триумфот над Словакињата Доминика Цибулкова. Веснина славеше со макисмален резултат во два идентични сета на два пати со по 6:2.

Постарата од сестрите Вилијамс, Венус, по пауза од цели седум години, обезбеди полуфинале на Вимблдон откако славеше над Јарослава Шведова од Казакстан со максимален резултат 2:0 (7:6, 6:2). Петкратната шампионка во „Сеанглискиот клуб“ последен пат во најдобрите четири беше во 2009 година кога загуби во финалето од нејзината помлада сестра Серена. Со неа би можела да се сретне во мечот за титулата доколку ја мине четвртата носителка Анжелик Кербер. Германката во четвртфиналето беше подобра од петата фаворитка, Романката Симона Халеп во два сета (7:5, 7:6).

Чехот Томаш Бердих последен се пласираше во четвртфиналето на машкиот дел од турнурот откако во четвртото коло имаше тежок меч против сонародникот Јири Весели кого го совлада во маратанот од пет сета со 3:2 и закажа меч во најдобрата осумка против Французинот Лукас Пуије.

Веста е прочитана 305 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.