КОШАРКА

МЗТ ЈА ПРОДОЛЖИ ТРАДИЦИЈАТА, ШЕСТТА ГОДИНА ПО РЕД ЈА СЛАВИ ТИТУЛАТА

24 May, 2017 - 20:20

МЗТ Скопје ја продолжи доминацијата и шеста година по ред ја обезбеди титулата во кошаркарското првенство. Пред своите гледачи го совлада Карпош Соколи со 86:82 во решавачкиот петти натпревар и ја доби финалната серија од плеј офот со 3 - 2.

Карпош Соколи не успеа да направи подвиг но беше достоен ривал на петте меча во своето прво финале. Сепак сезоната за него е успешна бидејќи го подигна пехарот во Купот на Македонија освојувајќи го првиот клупски трофеј во историјата.

Двете екипи во СЦ „Јане Сандански“ одиграа неизвесен и драматичен натпревар. И покрај осумте тројки на гостите во првото полувреме, актуелниот првак успеа на одмор да замине со водство од 45:41. Домашниот тим го отвори второто полувреме со највисока предност од плус девет или 54:45 во 25 минута. Сепак, Карпош Соколи на кого му затаи шутот од зад лининијата 6, 75 одговори со серија од 12:4 и за влез во реашавачкиот четвртти период се избори за негатива од само еден кош (64:62).

На МЗТ Скопје му припаднаа последните 10 минути со 22:20 по голема борба и наизменично водство на двете страни. Со тројката на Ѓорѓе Дреновац и двете реализирани слободни фрлања на Шарлон Клоф, МЗТ Скопје поведе со 85:80 и го реши мечот за одбрана на тронот шеста година по ред. Претхдно Карпош Соколи пропушти водство од 78:74 на три минути пред крајот.

Клоф го доби признанието за најкорисен играч во финалето откако мечот го заврши со 29 поени. Дреновац запиша 23 кај МЗТ Скопје, додека во поразениот тим Драган Лабовиќ и Кендрик Пери постигнаа највеќе по 17 погодоци.

МЗТ Скопје, кој во следната сезона ќе игра во АБА лигата, успеа да ја урне лошата традиција во мајсторките и во четврттиот обид ја слави титула.

Правдата на петтиот решавачки меч ја делеа судии од Турција откако на барање на двата клуба Македонската кошаркарска федерација се одлучи на ваков потег.

Веста е прочитана 1070 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.