КОШАРКА

НАЈДОБРИТЕ КОШАРКАРИ СО ПОРАЗ ГО СТАРТУВАА „ТРОФЕЈ МАКЕДОНИЈА“

17 August, 2016 - 22:25

Македонската кошаркарска репрезентација со пораз го отвори настапот на турнирот „Трофеј Македонија“ што се одржува во Скопје. Во СЦ „Јане Сандански“ Црна Гора победи со 77:73 во првото коло.

По водството на нашиот национален тим од 9:5 во третата минута, Црногорците со две серии од 9:0 и 13:0 го добија првиот период убедливо со 27:12. Тоа беше знак за избраниците на селекторот Драган Раца да заиграат поангажирано и негативата до полувремето да ја намалат само на четири поени или гостите на одмор заминаа со водство од 40:36.

Во третиот период црвено жолтите повторно влегоа во минус од девет поени. На две минути пред крајот успеаа еднаш и да поведат со 58:57, но освен што израмнија во последните 10 минути не добија шанса од Црногорците да го свртат резултат во своја корист и да триумфираат.

Капитенот Војдан Стојановски со 23 поени беше прв стрелец кај Македонија, Ромео Тревис постигна 17 а Дамјан Стојановски запиша 16 погодоци. Во победничкиот тим Никола Вучевиќ со 19 поени и 10 скокови беше најдобар поединец.

Утре Македонија се среќава со Белгија која во првото коло славеше победа над Босна и Херцеговина од 73:67.

Веста е прочитана 308 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.