ЕВРОКУП

НОВ ПОРАЗ НА МЗТ, ЛИЕТКАБЕЛИС СЛАВЕШЕ И ВО СКОПЈЕ

16 November, 2016 - 21:27

МЗТ Скопје и натаму без триумф во кошаркарскиот Еврокуп. Пред своите гледачи во СЦ „Јане Сандански“ го загуби третиот меч или вкупно петти, овојпат од Лиеткабелис со 87:80 (20:21, 12:25, 17:16, 31:25), во шестото коло од А групата.

По рамноправната прва четвртина која им припадна на гостите со половина кош, прашањето на победникот го решија со серија од 12:0 во вторите 10 минути по кои на одмор замина со двоцифрено водство од 46:32.

Во вториот дел МЗТ Скопје го бркаше резултатот а во завршните моменти имаше можност и за пресврт. На двапати ја спушти негативата и на пет разлика во претпоследната минута, а на 22 ипол секунди до крајот резултатот беше и 80:84 по петте брзи поени на домашниот тим.

Даниел Кларк и Стефан Синовец двајцата со по 20 поени беа најдобри стрелци кај македонскиот првак, додека кај гостите од Литванија, Гинтарас Леонавичиус со 19 поени беше најефикасен.

Тимот од „Јане Сандански“ во петок го очекува меч од АБА лигата на домашен терен против ФМП, додека во Еврокупот ќе паузира едно коло и по две недели во Загреб ќе и гостува на Цедевита, која вечерва пред своите гледачи и го нанесе првиот пораз на Гран Канарија со 97:90.

Веста е прочитана 396 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.