ОДБОЈКА

ОДБОЈКАРИТЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА ПОЛУФИНАЛЕ И РЕВАНШ СО ЕСТОНЦИТЕ

11 August, 2015 - 13:26

Македонската одбојкарска репрезентација во четврток и петок ќе биде дел од завршниот турнир на Европската лига што се игра во полскиот град Валбжих. Противник во првиот дуел во полуфиналето ќе ни биде селекцијата на Естонија која со максимални 10 победи го освои првото место во нашата група.

 

На денешната прес-конференција селекторот Жарко Ристоски истакна дека успехот од лани како полуфиналисти, ќе добие на тежина, доколку се повтори истиот резултат.

- Играчите го дадоа својот максимум во текот на сите дуели од групата. Ланскиот успех кога бевме полуфиналисти добива на тежина со повторувањето на истиот резултат, но можеме ние и подобро. Лани во полуфиналето влеговме како четврти, а сега како трети. Естонија е наш должник, а тоа е селекција која игра брза и модерна одбојка. Тие се сепак фаворити, додаде Ристовски.

За капитенот Никола Ѓорѓиев постигнатиот успех е поголем бидејќи нашата група оваа година беше посилна од ланската.

-Можам само да кажам дека ќе се бориме за финале и да им се реваншираме на Естонците. Оваа селекција на Македонија не е истата што играше на почетокот на јули во Естонија. Цел на секој е да биде дел од финалето, истакна Ѓорѓиев.

Македонската одбојкарска репрезентација со автобус замина за Полска и се очекува утре по повеќе од 20 часови возење да пристигне во Валбжих. Полуфиналето против Естонија Македонија го игра во четврток со почеток во 20 часот.

 

Веста е прочитана 290 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.