КОШАРКА

РАБОТНИЧКИ ПРОТИВ ФЕНЕРБАХЧЕ ЌЕ ГО ОТВОРИ ЈУБИЛЕЈОТ 70 ГОДИНИ ОД ФОРМИРАЊЕТО

16 September, 2016 - 19:44

Во рамки на прославата на 70-годишнината од постоењето на најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички, на 30 септември во 19 часот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се одржи ревијален натпревар меѓу КК Работнички и шампионот на Турција и вицешампионот на Европа Фенербахче.

„Посебна благодарност до нашиот Перо Антиќ без чија помош немаше да успееме да го донесеме Фенербахче на големиот јубилеј на нашиот Работнички“, рече на денешната прес-конференција градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски.

Тимот од Турција, предводен од тренерот Жељко Обрадовиќ, доаѓа во полн состав. Македонската публика ќе може да ужива во играта на Богдан Богдановиќ и Никола Калиниќ, кои се закитија со сребрен медал на Олимпијадата во Рио, поранешниот НБА играч Екое Удо, Јан Весели, Луиџи Датоме, Костас Слукас...

Претседателот на Управниот одбор на Работнички Ристо Гапиќ посочи дека освен играчите, тренерите и целото раководство на Фенербахче, во Скопје ќе дојдат и фан-клубовите на тимот, кои ќе бидат дел од прославата.

Новиот извршен директор на клубот Оливер Тоновски информираше дека од утре почнува продавањето на билетите, а цената е 200 денари.

„Резултатот на натпреварот ќе биде во втор план. Ова ќе биде празник на кошарката. Голем настан е доаѓањето на Фенербахче во Скопје“, изјави тренерот Марин Докузовски.

Одговарајќи на новинарски прашања, градоначалникот Жерновски најави дека во октомври ќе се распише меѓународен конкурс за нова сала на КК „Работнички“ во „Градски Парк“.

Веста е прочитана 328 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.