КОШАРКА

РАЦА ЗАДОВОЛЕН ОД АНГАЖМАНОТ НА РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИТЕ

3 August, 2016 - 16:08

Кошаркарската репрезентација на Македонија е во фаза на подготовки, а за неколку дена избраниците на селекторот Драган Раца ќе ги имаат и првите контролни натпревари во пресрет на квалификациите за Европското првенство во 2017 година.

Дваесетина дена македонските репрезентативци работеа пред се на подобрување на физичката подготвеност.

„Уште сме на почетокот од подготовките бидејќи сега не очекува делот каде ќе треба да работиме и на тактичкиот дел, а воедно не очекуваат и контролните натпревари. Сега за сега работиме според планираното и немаме ниту еден повреден играч од тие што тренираат. Задоволен сум од работата на играчите атмосферата е на потребното ниво и градиме тимски дух“, изјави на денешната прес-конференција селекторот Раца.

Тој напомена дека од вчера на тренинзите е присутен Марко Симоновски, кој ќе тренира индивидуално и ќе биде со репрезентацијата, а ќе се следи неговата здравствена состојба. Воедно по завршувањето на Европското првенство Б дивизија што се игра во Скопје за играчи до 18 години капитенот на оваа селекција Ненад Димитријевиќ ќе се приклучи во работата со најдобрата репрезентација.

За ангажманот на Американецот Ромео Тревис, кој ќе настапува за македонската репрезентација селекторот Раца истакна дека во Евролигата оваа сезона играл во добра форма.

„Неговата состојба ми беше позната. Тоа е играч кој може да создаде предност затоа и го избравме“, рече Раца.

Капитенот Војдан Стојановски за текот на подготовките посочи дека работат напорно.

„Сега ќе следува периодот кога ќе играме и натпревари, потребно е да го имаме потребниот ритам и најважно да избориме пласман на Европското првенство. На овие контролни дуели приоритет ќе биде добро да се воиграме, а резултатот нема да биде во прв план“, додаде Стојановски.

Македонија на петти и шестти август ќе одигра два пријателски натпревара на гостински терен кај Бугарија. Првиот дуел од квалификациите е закажан на 31 август во Кавадарци против Луксембург. Покрај овие две селекции во групата се уште Велика Британија и Унгарија. 

Веста е прочитана 266 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.