ФОРМУЛА 1

РОЗБЕРГ СЛАВЕШЕ ПОБЕДА НА ПРВАТА ТРКА ВО МЕЛБУРН ПАРК

20 March, 2016 - 18:07

Германецот Нико Розберг беше најбрз на спектакуларната трка за Големата награда на Австралија со која стартуваше новиот формула еден шампионат, остварувајќи ја при тоа 15 та победа во кариерата или четвртата во низа ако се сметаат оние три од крајот на минатата сезона.

Актуелниот првак Британецот Луис Хамилтон го освои второто место со осум секунди послаб резултата за двојна победа на Мерцедес откако по хаотичниот старт од првата падна на шестата позиција. Предизвикот на ферари не успеа поради лошата стратегија околу менувањето на пневматиците бидејќи Германецот Себастијан Фетел беше во водство во поголемиот дел трката но заврши на третата позиција. Исто така на овој пласман за четирикратниот светски првак влијаеше и тешката несреќа на Шпанецот Фернандо Алонсо во 18 круг кога беше подигнатo црвеното знаме.

Тоа на крајот го искористи Мерцедес за еден-два победата, а возачот на Мекларен за среќа по превртувањето остана неповреден откако се судри со Мексиканецот Естебан Гутиерез од новиот тим Хас.

Австралиецот Даниел Рикиардо на Ред бул беше четврти а до 10 место за бодови од австралиското Гран при се изборија, Бразилецот Фелипе Маса на Вилијамс, Французинот Роман Грожан на Хас, Германецот Нико Хулкенберг на Форс Индија, Финецот Валтери Ботас на Вилијамс и двајцата возачи на Торо росо, Шпанецот Карло Саинц јуниор и Холанѓанецот Макс Верстапен.

Следната трка ќе се вози на трети април за Големата награда на Бахреин.
Веста е прочитана 300 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.