ОДБОЈКА

СО ДВЕ ПОБЕДИ НАД ПОЛСКА ОДБОЈКАРИТЕ ВО ИГРА ЗА Ф4

5 August, 2015 - 21:24

Одбојкарска репрезентација на Македонија во петок и во сабота ќе и гостува на Полска во рамките на последниот викенд од А групата во Европската Лига. Натпреварите ќе се играат во Калиш, двата со почеток во 17 часот. Селекторот Жарко Ристоски задоволен од досега прикажаното на неговите избраници.

„Уште пред започнувањето на натпреварувањето рековме дека Естонија и Полска се фаворити во групата, а во нивни прилог одат и случувањата во текот на натпреварувањето како што се осум од десет натпревари на Естонците на домашен терен и директен пласман на Полска како домаќин на „фајнл-фор“ турнирот. И покрај вакви тешки околности ние останавме во игра за полуфинале до самата завршница. Полска е многу силна репрезентација без разлика во каков состав ќе настапи. Играат агресивно со добра одбрана и напад. Ќе биде тешко, но ние сме во нагорна форма. Одиме да одиграме најдобро што можеме“, изјави Ристоски.

Македонија со две победи во Полска, како и два пораза на Грција од Словенија ќе значи повторување на ланскиот успех кога „црвено-жолтите“ играа во полуфиналето.

„Ако им ја пуштиш топката ќе те тепаат 3:0, ако им наметнеш своја игра ќе победиш 3:0. Затоа на овие натпревари треба да го покажеме нашиот квалитет. Одиме на две победи кои не оставаат во игра за „фајнл-фор“. Сите живееме за тоа“, рече Ѓоргиев на денешната прес-конференција.

Македонските одбојкари вечерва со автобус тргнуваат за Белград, од каде со авион заминуваат за Варшава, а потоа ги чека уште 260 километри пат со автобус до Калиш каде ќе се играат натпреварите со Полска. 

Веста е прочитана 204 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.