РАКОМЕТ

СО СТАРИОТ РИВАЛ ВО НОВ ТРИУМФ

23 February, 2017 - 17:20

ЖРК Вардар во недела го очекува тежок меч на домашен терен против стариот ривал Будуќност во четвртото коло од групата еден во Главната фаза од ракометната Лига на шампиони. Македонскиот првак се уште нема пораз сезонава и е во серија од осум победи по ред. Го доби црногорскиот состав на негов терен во Подгорица за првпат во нивните меѓусебни пресметки, па притисокот за реванш од страна на противникот ќе биде една од главните пречки која ќе треба да ја надминат избраничките на тренерот Давид Дејвис.

„Работевме оваа недела како секогаш. Гледавме видеа од нивните настапи, и работевме во сала. Против Будуќност игравме неколку пати сезонава. Играчите веќе не сакаат да ги гледаат видеата, бидејќи постојано сѐ е исто. Мислам дека најголема опасност од Будуќност е што овој натпревар тие ќе играат без притисок. А, кога играш без притисок и имаш добри играчи, тоа за нас е многу голема опасност и ќе биде многу тешко. Не знам, може ќе подготват нешто ново. Ние имавме две недели да се подготвиме. Мислам дека во недела ќе биде добро. Ние сме први во група и не сакаме дома да изгубиме натпревар“, рече Дејвис.

Играта во одбрана веројатно повторно ќе биде решавачка. Во тој сегмент двете екипи се на ниво на машки екипи.

„Будуќност после поразот што дома го доживеа, ќе дојде максимално мотивиран со желба да ни се реваншираат. Но, ние се подготвивме и знаеме како да одговориме на нивната силна бековска шутерска постава и цврста одбрана. Сигурна сум дека ако одиграме како што се договоривме и со црвста и агресивна одбрана која е карактеристична за нас, и стрплив напад, дека нема да биде во прашање победата. Ќе освоиме бодови пред нашата публика. Ќе ја искористам можноста да дојдат во што поголем број да нѐ поддржат“, изјави Андреа Кликовац.

Пивотот Андреа Човиќ е надвор од тимот поради повреда и нејзиното враќање се очекува по два месеца. Тоа е единствениот проблем со кој се соочува тренерот Дејвис пред неделниот меч со Будуќност од 17 часот и 30 минути во СЦ „Јане Сандански“.

Веста е прочитана 693 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.