ОДБОЈКА

Традиционалниот одбојкарски турнир „Чајка“ во недела ќе се одржи во Тетово

18 December, 2015 - 17:47
Традиционалниот одбојкарски турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“ во недела ќе се одржи во Тетово. Женските одбојкарски екипи „Пирин“ од Бугарија, „Партизан“ од Струмица и двете екипи од Тетово „Љуботен“ и „Шкендија“ се учесниците  на 39. меморијален турнир што во недела ќе се одржи салата на основното училиште „Гоце Делчев" во Тетово. -  Тетово е град со голема одбојкарска традиција, град од кој потекнува Бранко Хаџииљоски – Чајка, основоположник на одбојкарскиот спорт во Тетово и пошироко. Еден светол лик во македонскиот спорт и во македонската одбојка, човек кој заслужил години наназад на ваков начин да се потсетуваме на неговото дело и лик и на неговиот придонес за развој на одбојката во нашата земја”, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески на денешниот прес во пресрет на турнирот. Во својата досегашна историја турнирот не се одржа само во две години: 1979 година поради поплави и во 2001 година поради конфликтот. Агенцијата за млади и спорт, како и секоја година, така и годинава, финансиски го потпомага овој настан и организацијата на овој турнир. Годинава, од буџетот на АМС за оваа намена се издвоени 150.000 денари. - Ја користам приликата да упатам апел до сите љубители на одбојката и сите вљубеници во спортот, во недела да дојдат во спортската сала во ОУ „Гоце Делчев” да проследат добри натпревари и да уживаат во она што ќе го понудат 4-те женски екипи, изјави Ивица Хаџииљоски кој искажа голема благодарност до Агенцијата за млади и спорт за непрекинатата поддршка.
Веста е прочитана 266 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.