РАКОМЕТ

ВАРДАР ПО ТРИУМФОТ ВО СЕГЕД НА ДОБАР ПАТ ЗА ЧЕТВРТФИНАЛЕ, ШТЕРБИК ХЕРОЈ НА МЕЧОТ

18 February, 2017 - 20:13

Вардар успеа да го преброди тешкото гостување во Унгарија на патот кон зацртаната цел - директно да се пласира во четвртфиналето од Лигата на шампиони. За осмата победа го совлада Пик Сегед со 23 - 21, во 11 коло од Б групата и го задржа првото место на табелата со најголеми шанси таму да остане на крајот од групната фаза.

Македонскиот првак го контролираше резултатот во првото полувреме и на одмор замина со минимално водство од 12 - 11. Кризниот период од 10 минути без погодок на почетокот од вториот дел за црвено црните му донесе прво водство на домаќинот од 15 - 14 во 41 та минута. Во продолжение осум минути одржуваше позитива од два гола пред црвено црните да го зададат решавачкиот удар и по негативата од 19 - 17 со серија од 6 - 2 да го извојуваат осмиот триумф.

Голманот Арпад Штербик беше одличен на голот со 13 одбрани од кои фати три седмерци, а во нападот Тимур Дибиров беше прв стрелец со шест голови. Него го пратеа Алекс Душебаев со четири, а Игор Карачиќ и Иван Чупиќ по трипати се запишаа во листата на стрелците. Во спротивниот табор Стас Скубе постигна највеќе шест голови.

Вардар во следното коло на 25 февруари како лидер во Б групата со 16 бодови ќе му биде домаќин на Целје во СЦ „Јане Сандански“.

На вториот натпревар од групата одигран попладнево Мешков Брест – Загреб 21:21.

Табела:

1. Вардар 16 бодови

2. Киелце 14 (-1 натпревар)

3. ПИК Сегед 13 

4. Рајн Некар Ловен 13 (-1)

5. Мешков Брест 12

6. Кристијанштад 6 (-1)

7. Загреб 5

8. Целје 5 (-1)

Веста е прочитана 922 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.