РАКОМЕТ

ВАРДАР РАЗМИСЛУВА НА ПОБЕДА ПРОТИВ НЕКСЕ

31 January, 2017 - 18:59

Светското ракометно првенство во Франција останува зад нас. Екипите се комплетираат и полека вниманието го насочуваат кон обврските на клупски план. Во Вардар веќе сите пристигнаа и се во тренажен процес освен хрватскиот репрезентативец Лука Циндриќ, кој доби уште еден ден одмор и веќе од утре ќе му се стави на располагање на тренерот Раул Гонзелс.

„Црвено црните“ 2017 година ќе ја започнат во СЕХА лигата. Првиот од трите меча што им останува од регуларниот дел ќе го одиграат во четврток кога ќе гостува Нексе во последниот натпревар пред своите гледачи сезонава во Регионалното натпреварување. На следните два меча ќе гостуваат кај Горење Велење на петти февруари и девет дена подоцна кај Извиѓач.

Македонскиот првак е лидер на табелата со три бода предност во однос на второпласираниот Веспрем. Загреб е трет со минус 10 бодови но и два меча помалку, додека на четвртата позиција е Целје со негатива од 11 бодови. Од таборот на Вардар размислуваат на победа во пресрет на дуелот со хрватскиот претставник кого на првиот меч на негов терен го добија со 30:27. 

„По долга пауза, ги почнуваме натпреварите од СЕХА лигата. Очекувам многу добар натпревар, многу интензивен. Ние сакаме да бидеме победници на лигата, а пред нас се три натпревари и треба да ги победиме на два ако го сакаме прво место. Ќе играме против Нексе, кои сега имаат нов тренер, и во натпреварот против Веспрем победија на гости. Тие играат многу добар ракомет. Од вчера почна да тренира цела екипа, освен Циндриќ, кој има пауза до утре. Но, потоа ќе ги имаме сите играчи и ќе одлучиме кој ќе игра. Немавме многу тренинзи во изминатиот период со целата екипа. Заедно сме од понеделникот, но очекувам да играме добро и треба да го искористиме времето и да се воиграме. Првиот тренинг може не беше како ние што сакаме да биде, но беше добар тренинг“, изјави Раул Гонзалес, тренерот на Вардар.

Натпреварот против Нексе ќе се игра в четврток во СЦ „Јане Сандански" со почеток од 17 часот и 45 минути. 

Веста е прочитана 698 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.