СКАНДАЛ:

ВРВНИ ТЕНИСЕРИ МЕСТЕЛЕ МЕЧЕВИ, ДУРИ И НА ВИМБЛДОН

18 January, 2016 - 17:34

Постојат доверливи документи со докази за нашироко раширените сомневања за местење на мечевите на врвните тениски турнири, вклучувајќу го и Вимблдон, тврди Би-Би-Си повикувајќи се на презентирани сознанија.

Во изминатите десет години, дури 16 тенисери од групата на 50 најдобри во светот, биле под сомневање и пријавени до специјалната единца за интегритет во тенисот (ТИУ) за тоа дека ги местеле своите натпревари.

Сите 16 играчи, за кои се вели дека меѓу нив има и победници на Гранд слем турнири, можеле и понатаму да се натпреваруваат.

Во соопштението на ТИУ, која се опишува како еден вид полиција во овој спорт, дадено за Би-Би-Си се вели дека нема да има никааква толеранција за никого во тенисот, доколку се открие корупција во белиот спорт, но претседателот на АТП (асоцијацијата на професионалните тенисери) Крис Кермод признава дека „местење„ во тенисот постои, за кое вели дека сепак е „исклучително малку“.

Во тајните документи во кои се зборува за корупција во тенисот, се посочува дека во 2007 година била спроведена истрага од АТП и дека посебно бил испитуван мечот меѓу Николај Давиденко и Мартин Васало Аргуело.

Двајцата тенисери подоцна биле ослободени од било какви сомневања, но истрагата дошла до дополнителни откритија за можната корупција во тенисот, по прегледот и истражувањето на делувањето на обложувалниците поврзани со врвни тениски играчи.

Откриено е дека групи од Русија, од северна Италија и од Сицилија, направиле стотици илјади фунти на опкладите на мечевите на кои истрагата била насочена, затоа што се сомневало дека можеби се наместени.

Три такви мечеви биле одиграни и на во Вимблдон, во Лондон.

Во доверливите извештаи се вели дека 28 тенисери биле инволвирани во овие мечеви, за кои во 2008 година била правена истрага, но досега нема никакви сознанија за тоа што било откриено.

Европската асоцијација за безбеден спорт која го надгледува работењето на обложувалниците, тврди дека повеќе од 50 тениски мечеви во 2015 година има силни сомнежи дека се нечесно одиграни.

Според ТИУ, осумина тенисери од мечевите кои се „надгледувани“ и испитувани како сомнителни, во изминатите десет години, играат на Гранд слем турнирот „Австралија опен“ што почна вчера. 

Веста е прочитана 212 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.