РАКОМЕТ

ЖРК ВАРДАР ДОМАЌИН НА Ф4 ОД ВХРЛ

24 April, 2017 - 19:08

ЖРК Вардар следните два дена ќе биде домаќини на последниот турнир во Регионалната ракометна лига. Како организатор на овој Ф4 турнир „црвено-црните“ се  меѓу фаворитките за освојување на трофејот. Покрај Вардар ќе играат уште и Будуќност, Крим и Подравка.

На досегашните три турнири првото место го освои Вардар, пред Будуќност, Крим и Подравка. Врз основа на тие резултати беа направени и полуфиналните двојки.

Во оваа лига, од четирите клубови учесници, три се поранешни европски прваци, Подравка, Крим и Будуќност. Две екипи, Вардар и Будуќност сега играат на Ф4 турнирот и во Лигата на шампионите. Вардар и Будуќност се единствените тимови што три сезони по ред играат меѓу најдобрите четири во Европа.

„Во името на нашиот клуб сакам да го изразам задоволството што сме домаќини на овој Ф4 турнир во ВРХЛ лигата. Имаме три европски прваци во различни периоди на постоењето на ЛШ, и две екипи се сега на Ф4 турирот во ЛШ. Тоа говори колку е силен Балканот во ракометот. Се надевам дека наредната година оваа лига ќе биде уште посилна. Нашите национални првенства се послаби, не само ние туку и кај другите. Нас овие натпревари ни користат и посебно во овој период пред настап на Ф4 во Будимпешта“, изјави Гордана Нацева, претседател на ЖРК Вардар.

Тренерот на македонскиот шампион Ирина Дибирова на денешната прес-конференција рече дека овие дуели се добра можност за подготовка за претстојниот завршен турнир во Лигата на шампионите.

„Оваа регионална лига има свое високо ниво и Подравка свој квалитет. Подравка секогаш беше силен тим, и досега двапати ги победивме во ВРХЛ. Ние сепак без оглед на тие победи одиме напред и сакаме да се пласираме во финалето на Ф4 и да победиме. Важен е и трофејот од оваа ВРХЛ лига и победата, но важно е и како подготовка за Ф4 во Будимпешта“, истакна Дибирова.

Натпреварите ќе се играат во СЦ „Јане Сандански“, а влезот ќе биде слободен. Во среда е закажано финалето и мечот за третото место.

Распоред (полуфинале), вторник, 25 април:

Вардар - Подравка (15:30 часот) 
Будуќност - Крим Меркатор (18:00)

 

Веста е прочитана 541 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.