150 бизнис лидери и четворица премиери на „Самитот 100“ во Скопје

16 October, 2017 - 11:12

Над 150 бизнис лидери од Југоисточна Европа, четворица премиери од Западен Балкан, министри и претставници на Европската унија ќе учествуваат денеска и утре на регионалниот Самит 100 што ќе се одржи во Скојпе.

Поврзувањето е клучната тема на Самит 100 во Скопје, односно поврзување во различни области и на различни нивоа. Еден од главните говорници ќе биде еврокомесарката за транспорт Виолета Булц на која ќе и се придружат реномирани бизнис лидери, претставници на водечките компании од регионот како Хидрија, АСА Груп, Атлас фондација, Атлантик група, Горење, БМВ, Подравка, Филип Морис, ББИ, Убер, Бамби и други, но и претставници од меѓународни финансиски инститиуции како Европската банка за обнова и развој, Меѓународната финансиска корпорација, Европската инвестициска банка, Светска банка и многу други претставници од бизнис сектор.

Самитот денеска официјално ќе го отворат претседателот на Бордот на Самит 100, Живко Мукаетов и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Денеска ќе се одржи и панел на тема „Е-Концепт за забрзување на растот базиран на поврзувањето“ на кој ќе присуствува и вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев.

На првиот ден од Самитот се очекува најава за почнување на реализација на проектот Едисон за електрификација на автопатишатата во регионот. Ова е регионален проект што е произлезен од иницијативата Самит 100, чија платформа е настаната во Словенија 2015 година.

Според претседателот на УО на Самит 100 и генерален директор на Алкалоид, Живко Мукаетов, настанот е уникатен и отвора можности за вистинска поврзаност и искористување на заедничкиот потенцијал на земјите од регионот.

Јелена Радуловиќ, програмски директор на Самит 100, смета  дека од година во година Самит 100 напредува и секогаш му се додава по некоја нова димензија на иницијативата.

Панел со премиерите на земјите од регионот ќе се одржи утре. Потврдено е присуство на премиерот на Македонија, Зоран Заев, на Албанија, Еди Рама, на Црна Гора Душко Марковиќ и на претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ. 

Македонскиот премиер е поканет да учествува со свое излагање на премиерската пленарна панел дебата под наслов „Нов договор за новото време, или, дали регионот е подготвен за натпревар на глобалната сцена“, на која ќе се дебатираат и темите за енергијата, за економиите засновани на знаење, за брендирањето, за дигиталната економија и за стратегиите за поврзување на регионот и за заеднички иницијативи во областа на туризмот.

Веста е прочитана 973 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.