244 илјади евра најдени во банкарски сеф на директорот на неврохирургија кој го криел својот имот

15 July, 2017 - 17:41

Осум различни валути се парите кои се најдени при претресите на домот, канцеларијата и на банкарскиот сеф по кривичната пријава за примање поткуп против поранешниот директор на Клиниката за неврохирургија. Имал денари и девизи во евра, американски и австралиски долари, британски фунти, швајцарски франци, хрватски куни и бугарски левови. Последниот најголем дел од парите (околу 244 илјади евра вкупно) се најдени во банкарски сеф, а директорот иако морал законски не доставил анкетен лист во Антикорупциската комисија додека раководел со неврохирургија од 2007-ма до 2017-та година.  

Поранешниот директор на Клиниката на неврохирургија кој се товари дека земал поткуп од пациенти доби кривична пријава за противправно стекнување и прикривање на имот.

Чапаровски го криел својот имот и не го пријавил во Антикорупциска. Најден е сеф во сопственост на Чапаровски во којшто се најдени 199.000 евра, 18.300 американски долари, 21.900 швајцарски франци, 1.500 фунти, 50 бугарски лева, како и паричник со 19 монети од благороден метал и накит, за кои пријавениот немал доказ од каде потекнуваат.

Чапаровски располагал со шест имотни листа недвижен имот на подрачјето на Скопје и еден имотен лист недвижен имот во Гостивар. Чапаровски на 22-ри јуни беше пуштен од притвор откако во залог стави свој стан. Беше уапсен на 30-ти мај во својата канцеларија по пријава на родител дека му барал мито за да одобри лекување на дете во странство. 

Против Чапаровски има кривична примјава и за примање поткуп  каде при извршен претрес во неговата работна канцеларија беа пронајдени и одземени вкупно 24.890 евра, а во неговиот дом пронајдени се и одземени вкупно 9.750 евра.

Веста е прочитана 35690 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.