25 странски инвеститори добиле 225 милиони евра народни пари

13 September, 2017 - 16:28

Тоа била политика за економско шоу, а не за економски раст. Со овие зборови владиниот портпарол Бошњаковски денеска ја квалификуваше милионската поддршка што странските инвеститори ја добивале за да дојдат и да работат во земјава. За десет години, од 2007 заклучно со мај 2017 година, државата им дала дури 225 милиони евра народни пари на 25 странски компании. Тие вработите 20 илјади лица, најголем дел не биле нови вработувања, туку преземени од македонското стопанство, вели Бошњаковски. Математиката говори дека едно работно место ја чинело државната каса во просек во 11.000 евра. Овие податоци досега беа прогласени за државна тајна, новите власти сега ги отвораат и велат дека јавноста која го полни буџетот има право да ги знае. 

„Ова е сумарно резултатот од декласификацијата на договорите склучени во затворен круг и затворени за јавноста, договори со кои се игнорирало македонското стопанство. Не постоел документ или водич со јасни критериуми за преговори, или барем ние не го најдовме. Критериуми не постоеле. Преговарале министри, советници, промотори. Кога ги завршувале преговорите, Владата на Никола Груевски ги класифициралка договорените работи, односно ја обезбедувала тајноста на истите. Оваа тајност и недостатокот на бројки за евалуација, беше поткрепена со шоу програми и фиктивни кампањи. Со тајните договори, некои од компаниите добивале повеќе, некои помалку“, вели Бошњаковски.

И покрај оваа негативна конотација, од Владата велат дека сите овие договори се уште важат и Владата ќе ги исполни во целост сите обврски што ги презела кон сите странски компании. Познато е дека договорите беа склучувани со рокови од по 10 години, што значи дека овие бројки не се конечни, бидејќи фирмите ќе продолжат да ги користат бенефициите уште долго ќе цицаат од државниот буџет. Дали Владата стравува од судски постапки или се грижи за имиџот и затоа не ги прекинува договорите, велат дека нивната цел е да се заштитат парите на граѓаните.

Претходната Влада потрошила 26 милиони евра во кеш на неповратни грантови, кои оделе директно на сметките на инвеститорите. Од нив 14 милиони биле наменети за креирање работни места, при што сите немале исти третман, некои добивале по илјада, а некои по 11 илјади за работно место. 5 милиони евра се платени за обуки, а 10 за градежни работи.

Странците ќариле и 69 милиони евра преку ослободување од даночни и царински давачки. Бошњаковски вели овие пари можеле, но не влегле во нашиот буџет, оваа бројка треба да ја знае домашната бизнис заедница. За „возврат“, само еден отсто од набавките што ги правеле, биле од македонски добавувачи.

За јавноста, барем засега, ќе остане тајна која компанија колку пари конкретно зела од државата.

„Не можеме да одиме со специфични податоци, но договорите се декласифицирани, вие сте новинари, мислам дека знаете што е пораката“, рече Бошњаковски.

Уште 130 милиони евра од Буџетот се потрошени само на привлекување странски инвестиции, за што се најавува посебна пресконференција.

Заклучоците од анализата на Владата за трошоците наспроти резултатите од СДИ Владата ќе ја испрати до македонските правосудни органи. Тогаш ќе се знае дали и кој ќе понесе конкретна одговорност.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 4424 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.