Половина милион гласачи се спорни и треба да подлежат на дополнителна проверка

17 March, 2016 - 14:20

495 258 лица е бројот на спорни гласачи  што го покажала вкрстената проверка на податоци на базата на МВР со податоците од други 10 институции, покажува Извештајот подготвен од ИТ експертите во Државната изборна комисија, до кој дојде Телма. До податоците е дојдено со вкрстената проверка според методологијата што претходно ја подготви ДИК, но не сите близу половина милион спорни гласачи, кои во извештајот се наведени во табела насловена „лица кои се кандидати за проверка“ се и т.н. фантомски.

Бројот на фиктивни гласачи, кои ги има во базата на МВР, а не се среќаваат во ниту една друга база на податоци е 192. 122. Од нив, 102 512, како што пишува во документот се со валиден документ, а 89 610 се без валиден документ. Дополнително сомнителни се и 30.312 нови полнолетни граѓани.

Поделбата на гласачи со валидни и невалидни документи ја има во вкупната бројка на спорни гласачи , при што од близу половина милион спорни гласачи кои треба теренски да се проверат -  371 426 се со валиден документ, а 123 832 без валиден документ.

 Што значи бројка од над  123 000 гласачи без валиден документ од ДИК официјално никој не сака да објасни. Но неофицијално членови на комисијата велат дека ИТ експертите користеле погрешна методологија, бидејќи е невозможно гласач да биде запишан во избирачкиот список без соодветен документ.

 „Ако толкав број лица имаат невалиден документ, тогаш би значело дека или во списокот или во базата на МВР има голем криминал. Затоа овие нејаснотии допрва треба да се расчистат, да се направата дополнителни тестови, по што ДИК на јавна седница ќе ги соопшти податоците“ – коментираат членови на Комисијата.

Извештајот на ИТ експертите е на 23 страници. Во него се предочени податоци од вкрстени проверки по 30 различни параметри.  Освен бројот на фиктивни гласачи, поголем процент на спорни гласачи се појавуваат во неколку категории:

-         

158 219 лица,  кои претходно биле активни, и за нив има податоци само во историските бази на податоци

-         

 78 739 лица, постари лица над 67 години кои ги нема во пензиската евиденција или немаат трансакциска сметка во банка

-         

51.480 лица на возраст од 65 и повеќе години– ги има во БП на МВР, но за нив нема активни податоци во другите бази     

Експертите ги проверувале и податоците за повеќе станари на иста адреса. Пронашле:  

-         

35. 469 лица, во куќи или станови на иста адреса со повеќе од 20 гласачи

-         

11 795 лица  со  различни презимиња на иста адреса

Членовите на ДИК вчера не успеаја да го исгласаат Извештајот, кој треба да послужи како основа за теренската проверка. Официјално не објаснија зошто. Но, неофицијално се тврди дека имало различни интерптретации меѓу членовите и сомнежи во точноста на вкрстената проверка.              

 

Од ДИК само соопштија дека одлучиле да се  спроведе дополнителни контролни тестови на дел од прашањата опфатени со проверките и дека „веднаш по завршувањето на дополнителните контролни тестови, Државната изборна комисија ќе закаже седница за усвојување на извештајот од вкрстените проверки.

Боби Христов

Веста е прочитана 16687 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.