62 загинати во голем шумски пожар во Португалија

18 June, 2017 - 15:36

Најмалку 61 лица загинаа од кои 4 деца во големиот шумски пожар, кој изби во близина на градот Педрогао Гранде во централниот дел на Португалија. Половината од нив се задушиле или изгореле во своите автомобили, очигледно обидувајќи се да побегнат од огнот. Властите стравуваат дека бројот на загинати ќе се зголеми затоа што пожарникарите и спасувачките екипи се уште не стигнале до сите населби кои беа зафатени од пожарот.

„Најверојатно бројот на жртви ќе биде повисок, но за сега не се 62 туку 61, една од забележаните жртви била дуплирана. Но тоа не е причина за радост, затоа што сигурно ќе откиеме повеќе жртви како што ќе напредуваме на терен“, рече португалскиот премиер Антонио Коста.

Стотици пожарникари со повеќе од 300 возила се уште не можат да го стават под контрола пожарот кој ја зафатил шумата околу Педрогао Гранде.

„Го видовме пожарот вчера но мислевме дека е многу далеку, не ни помисливме дека може да стигне до тука“, вели жителката на Педрогао Гранде, Изабел Брандао.

Повеќе од 600 пожарникари со 160 возила втор ден се борат да го стават пожарот под контрола.

Португалскиот премиер Антонио Коста нарекувајќи го пожарот најголемата трагедија, што ја погодила Португалија изминатите години, изјави дека бројот на загинати може да се зголемува и оти приоритет е да се спасат сите оние кои се уште се наоѓаат во опасност.

Португалија е зафатена од топлотен бран каде со денови температурите се над 40 степени целзиусови и само во текот на вчерашниот ден избиле над 60 шумски пожари низ целата земја.

„Немаше човечки жртви кај другите пожари, се ова се случи само кај еден пожар, на една локација“, рече премиерот Коста.

Шпанија веќе испратила два авиони за гасење шумски пожари, додека ЕУ започна со координација на меѓународна акција за помош на Португалија.

Регионот околу Педрогао Гранде и претходно бил зафаќан од пожари затоа што станува збор за шумски регион, но големиот број жртви ги шокираше португалските власти. 

Игор Трајков

Веста е прочитана 1770 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.