76% од вработените со плата под 20.000 денари

17 April, 2017 - 16:18

Дури 76% од вработените во Македонија примаат плата пониска од 20.000 денари. Тоа значи дека повеќе од две третини од работниците имаат месечни примања што се пониски од просечната плата која според Заводот за статистика изнесува 22.750 денари. Анализата на Институтот за економски истражувања „Finance think“ покажува дека подпросечна плата имаат сите работници во услужните дејности, вработените во хотелите и рестораните, во земјоделството, трговијата и преработувачката индустрија а во оваа категорија влегуваат и 79% од вработените во градежништвото. Од таму апелираат да се направи нова стратегија со која ќе се подобри животниот стандард на граѓаните но и ќе се продуцираат кадри со вештини од високо платените дејности  

„На краток рок потребно е да се зголеми минималнат плата за да се подобри животниот стандард.А на среден и долг рок треба да се размисли за модел на економски раст базиран на високоплатежни сектори како што се компјутерските дејности. Потребна е долгорочна стратегија и реформи,започнувајки од образовни програми.Македонија треба да продуцира кадри со вештини во тие сектори и дејности а мерките за вработување да се насочат кон тие дејности“, велат од „Finance think“.

На неопходност од реформи во образовниот систем алармираше и Светска банка. Од таму предупредија дека Македонија произведува лоша работна сила и дека покрај вложувањата во образованието, резултатите на учениците се најлоши во регионот. Влошувањето на квалитетот и на квантитетот на човечкиот капитал ја намалува куповната моќ на граѓаните а фактот што две третрини од 15 годишните ученици се функционално неписмени ги ограничува можностите за економски раст кога тие млади ќе станат работоспособни.

Според анализата на „Finance think“, плати поголеми од 20.000 денари земаат вработените во финансискиот и енергетскиот сектор како и работниците во јавната управа и одбраната.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 10023 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.