Адел апсолутна победничка на „Греми“ наградите

13 February, 2017 - 17:58

Поп дивата Адел е апсолутна победничка на годинашното 59- то доделување на престижните Греми награди. Британската пејачка Адел славеше дури во пет категории, таа ги освои Греми наградите за најдобар албум, најдобра песна „Hello“ која доживеа планетарен успех, најдобра снимка, поп изведба и најдобар поп албум. Со овие награди таа ја победи својата најголема конкурентка Бијонсе која имаше најмногу номинации дури девет, но успеа да триумфира само во две категории, најдобро музичко видео за „Formation“ и современ урбан албум за „Lemonade“. На врачувањето на наградата за најдобар албум Адел изјави дека наградата ја заслужува Бијонсе забележувајќи дека според неа „Lemonade“ е албум на годината и таа се восхитува на Бијонсе.

Не можам да ја прифатам оваа награда. Многу сум благодарна. Но, уметник во мојот живот е Бијонсе, и овој албум „Lemonade“ е монументален, и толку добро смислен, и убав и отрезнувачкии гледаме една страна од тебе, која не ни ја дозволуваш секогаш, и тоа го почитуваме... те обожаваме, ти си ни светлина. И начинот на кој ги тераш да се чувствуваат моите пријатели, и пријателите афроамериканци е инспиративен, и ги тераш да се борат за себе, истакна Адел.

На доделувањето на Греми наградите Бијонсе имаше впечатлив настап со изведба на две песни кои ги посвети на мајчинството, новото раѓање и исцелувањето. Церемонијата на доделувањето на наградите помина и во знакот на критика на сметка на политиката на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој посебно беше на мета на темнокожите рап музичари кои ја осудија неговата имиграциона политика.

Во овој конкретен момент во историјата нашиот глас е потребен повеќе од било кога, рече Џенифер Лопез.

На култниот британски музичар Дејвид Боуви кој почина минатата година, постхумно му беа доделени четири Греми награди за неговиот последен маестрален албум „Black Star“. Тој ги доби наградите за најдобар рок перформанс, најдобар алтернативен албум, најдобра рок песна и најдобро снимен албум. Интересен е фактот дека Боуви за својот живот има освоено само една Греми награда за животно дело.

Во категориите наменети за рап музиката доминираа Дрејк и Chance the Rapper, освојувајќи по две награди. Наградата Греми за најдобар албум во денс и електронска музика ја доби албумот „Skin “ на Флум. Годинава на доделувањето на Греми наградите им беше оддадена почит и на музичките легенди Џорџ Мајкл и Принс.

Нина Стефанова

Веста е прочитана 5319 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.