Администрацијата се дави во непотребни институции

18 June, 2017 - 16:11

Македонската администрација се дави во бројни институции. За дел од нив иако не се знае за што постојат, членовите се со долг мандат и огромни плати. Професорката по административно право Ана Павловска Данева како пример го спомена инспекцискиот совет.

„Четири години никој не го отворил прашањето за инспекциските служби и т.н совет кој е единствен во светот со вакви ингеренции. Зошто се потребни толкави плати за овие функционери и која е неговата надлежност“, прашува таа.

Инспекциските служби како дел од администрацијата треба да бидат предмет на сериозни реформи, вели Данева, ако се знае дека Законот за организација и работа на органите на државната управа, предвидува во состав на сите министерства да постојат 14 инспекторати, но со носење на посебни закони нивниот број е зголемен на 34.

„Тешко се открива што се во државата има свој инспекторат. Ова говори дека има сериозна незаконитост во носењето на законот кој бара 2/3 мнозинство. Законот за организација и работа на органите на државната управа предвидува 14 инспекторати а со стотици закони се предвидени 34. Треба сериозна анализа“, смета Данева

Во администрацијата работите мора да се сменат од корен, велат од Синдикатот на управата, правосудните органи и здруженија на граѓани, УПОЗ, бидејки со Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор, ништо не е регулирано.

„Тринаесет луѓе седат во една канцеларија, имаат 3 компјутери, печурки им растат, тече кровот. Нема колективен договор кој тоа ќе го регулира а го бараме 10-11 години“, вели Трпе Деановски од УПОЗ.

Министерот за администрација Дамјан Манчевски се согласува дека е нужно укинување или спојување на дел од инспекциските служби, особено за второстепената Комисија за управна постапка. Во однос на лошите услови во кои работи дел од администрацијата тој има разбирање, но најавува дека во брзо време Владата нема намера да купува нов мебел.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 2185 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.