Александар Поповски: СДСМ да покаже поголем интерес за културата

22 July, 2017 - 16:11

Македонија треба да се исчисти од неправдата, насилството и криминалот, вели нашиот, во европски рамки докажан режисер, Александар Поповски. Според него, новата власт на раководни функции треба да постави професионалци, а не партиски кадар и да обрне поголемо внимание на културата.

„Мислам, суштината меѓу ВМРО и СДСМ секогаш била, СДСМ никогаш не обрнувал премногу внимание на културата, а ВМРО секогаш премногу и погрешно. Сега тоа што мислам дека ќе се смени, мора да се смени тоа да СДСМ апсолутно покаже интерес за културата. Да го задржи буџетот кој што беше од претходната Влада, но да ја отвори културата“, вели Поповски.

Поповски смета дека треба да се извадат запаливите фасади од објектите на проектот „Скопје 2014“. Тој има решение и за бришење на политичката порака од овој, како што го нарекува, мутант проект со збунувачка содржина, која е малку барокна, а малку античка.

„Тоа треба да се исчисти и во него да се впише, првенствено со еден добар меѓународен конкурс, што е голем предизвик за уметниците, каде ќе се смени таа првична порака да не не напаѓа и тука е добро да се пуштат растенија, како кај Пиринези, да растат низ тие столбови и така ќе добие хумана нишка. А друго е што можеме да ставиме, да интервенираме на самите фасади. Последно и најважно е содржините да се променат“, смета тој.

Во последнава декада, Поповски работи во регионот и низ Европа , а со семејството од лани живее во Загреб. Сепак вели дека сака да режира во Македонија и ги става на располагање на новата власт , стекнатото искуство и контакти .

„Јас сум профил на човек, можам да се правам скромен или не, јас сум профил на човек кој има во себе многу знаење и искуство. Јас собрав. Моите куфери се полни. И доколку тоа некому е потребно, тоа знаење јас ќе го пренесам во Македонија“, вели Поповски.

Негови следни претстави се „Гробница за Борис Давидовиќ “ и „Ричард Трети“, што ќе се играат во Нови Сад и Загреб. Планира и меѓународен проект со турски актери во Берлин, во кој не го исклучува учеството на Македонија, доколку, како што вели, постои интерес од наша страна.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 2830 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.