Анѓушев не гледа проблем да се оди на камен темелници во предизборие

27 September, 2017 - 16:07

Не фрлив лопата, а не сум ни партиски определен, вака вицепремиерот Анѓушев одговори зошто не е проблематично неговото денешно присуство на поставувањето на камен темелникот  на турската компанија Чагатај Кабло во зоната во Бунарџик и дали ова ќе значи продолжување на праксата на претходната Влада да промовира странски инвестиции во време на избори.

„Не дојдовме овде да им помогнеме во фрлањето лопати, туку само да ги поддржиме во нивната активност. Бев присутен на отворањето на сите фабрики откако сум вицепремиер, и ова не го сметам како активност во предизборие, особено што, вие знаете, јас немам партиска припадност“, рече Анѓушев.

Чагатај Кабло ќе произведува кабли за автомобилската индустрија, главно наменети за автобусите на Ван Хол. Се најавува дека инвестицијата првично ќе вреди 4 милиони евра, со можност да порасне до 6, а во првата фаза ќе отвори 100 работни места.

Анѓушев објасни дека компанијата договорот за изградба на објектот го склучила во 2016, но не добила субвенции бидејќи не успеале да го склучат договорот за поддршка со претходната власт. Според сегашните владини симулации, со новите мерки кои сега се во драфт верзија, Чагатај ќе добие повеќе државни пари како поддршка отколку што би добила порано.

„Доколку нивната инвестиција е 6 милиони евра, тогаш поддршката ќе биде 10 отсто, што е 600 илјади евра, и се ќе биде транспарентно, плус има и други критериуми“, рече Анѓушев.

Субвенција ќе добие и Ван Хол бидејќи ќе користи кабли од Чагатај Кабло која, според Анѓушев, ќе се смета како македонска компанија.

Токму близината до нивниот главен клиент Ван Хол турскиот сопственик ја наведе како главна причина што дошле да инвестираат во Македонија, иако ја оцени како добредојдена и владината помош.

„Нивото на платите за разлика од моменталното во0 Македонија, ќе биде на ниво кое ќе обезбеди благосостојба на нашите вработени“, рече Короглу.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, пак, на својот фејсбук профил се пофали дека и ова е една од инвестициите на која се работело подолго време. Вели дека од компанијата објавиле дека ќе инвестираат во декември лани, а на 17 мај годинава потпишавле и договор за инвестирање.

„Овој концепт е граден со години, и треба да се продолжи наместо да се урива, а актуелната власт го прави токму тоа. Би бил среќен кога во Македонија би инвестирале не само оние кои претходно сме ги договориле, сме потпишале договори, и се обврзале да инвестираат, туку да има и нови. Засега таквата бројка е нула нови странски инвестиции“, вели Груевски.

Се очекува производството во фабриката да стартува на крајот на март или на почетокот на април следната година.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 1455 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.