Балканот и трговијата со органи

10 October, 2017 - 21:38

Поранешниот албански премиер и претседател Сали Бериша објави дека поседува  информации за трговија на органи од деца помлади од 18 години. Бериша тврди дека информациите ги добил од полицаец, кој од него побарал да помогне во спречувањето на овој криминал.

„Господине Бериша, ја сум полицаец на границата кај Кукс. Можете да спасите многу деца. На границата на Албанија со Косово криумчарат деца помлади од 18 година поради трансплатација на органи. Со фалсификувани изводи ги подмитуваат полицајците за 20.000 (околу 150 евра). Досега се шверцувани девет деца кои се киднапирани во сиромашни села. Те молам обелодени го ова и направи нешто.“

Пораката Бериша ја објави на својот Фејсбук профил, повикувајќи го обвинителството да покрене истрага. Ова не е прв пат во Албанија, но и на Балканот генерално, да се објавуваат вакви наводи за трговија со органи. На постоење трговија со органи, во своите извештаи предупредуваше и Албанскиот омбдусман.

Објавата на Бериша потсетува и на случајот „Медикус“ на Косово. На долги затворски казни беа осудени сопственикот на клиниката „Медикус“ Љутфи Дервиши, неговиот син Арбен Дервиши и главниот анестезиолог во клиниката Сокол Хајдини, а две други лица добија помали казни. Сите беа обвинети и осудени за повеќе нелегални трансплантации на бубрег изведени во клиниката. Случајот беше откриен во 2008та година, кога на аеродромот во Приштина беше пронајден турски државјанин во критична здравствена состојба откако на клиниката му бил изваден едниот бубрег.  Истрагата утврди дека сопствениците на клиниката плаќале по 15.000 евра на сиромашни лица од Балканот и Источна Европа за бубрег, и тие органи подоцна биле трансплантирани на богати лица, претежно од Израел. За услугата наплаќале по 70.000 евра.

„Иако остануваат многу препреки кои треба да се надминат за да се донесе задоволувачка правда за ранливите жртви во овој случај, како компензација и меѓународното апсење на осомничените, се надеваме дека денешната пресуда ќе биде позитивно оценета дека донела правда и сигурност на жртвите во овој случај“, Џонатан Рател – Специјален обвинител на ЕУ во Косово. 

Но, врховниот суд во Приштина ја поништи првостепената судска пресуда и случајот го врати на повторно судење, поради процедурални нерегуларности.

Косово беше во центарот на уште една афера со тргување органи. По конфликтот на Косово, во 1999 година, како исчезнати се уште се водат повеќе од 1000 лица. Неколку години подоцна се појавија првите наводи за организирана трговија со органи од заробеници. Овој случај го истражувал и американскиот новинар и дописник од Балканот за Дејли Телеграф, Мајкл Монтгомери, кој за британскиот весник ги покрил сите балкански конфликти од 90-тите.

„Се работи за оваа група луѓе кои биле киднапирани и едноставно исчезнале. Тоа се главно Срби, од малцинствата и тие исчезнаа. 10 години се обидуваат да откријат што се случило со нив“, Мајкл Монтгомери – новинар.

Монтгомери во 2004-та, заедно со тим истражители на Меѓународниот суд патувал во Косово, за да ги проверат овие информации.

Тој тврди дека ниско рангирани членови на ОВК, сведочеле дека пренеле неколку заробеници во Албанија и тие исти сведоци на истражителите им ја покажале „Жолтата куќа“ во близина на Бурел. Таму пронашле искористен медицински материјал, но сепак немало доволно цврсти докази за покренување официјална истрага. Пронајдените докази биле земени од истражителите на Меѓународниот суд и подоцна, кога неофицијалната истрагата била прекината, уништени. Монтгомери целото свое истражување го доставил во канцеларијата на ОН на Косово, кое пак подоцна, главниот обвинител на Меѓународниот суд, Карла Дел Понте го објавила во својата книга.

„Можам да кажам дека во моментов постојат релевантни индикации дека оваа пракса се случувала на многу ограничена скала и дека мал број индивидуи биле убиени со цел вадење и продавање на нивните органи. Овој заклучок е во согласност со тоа што беше наведено во извештајот на Марти. Имено, дека неколку индивидуи биле подложени на овој криминал“, Клинт Вилијамсон – Главен обвинител во ЕУ работната група. 

Во 2011-та година, ЕУ врз основа на извештајот на Дик Марти, формираше Специјална истражувачка работна група која спроведе тригодишна истрага за случајот. Во извештајот на работната група, објавен во 2014-та година се вели дека „водството на поранешната ОВК преку употреба на насилство ја градела својата политичка моќ и лично богатство“, посочувајќи дека „постојат докази за покренување обвиненија против високи функционери на ОВК за киднаирања и убиства извршени по конфликтот во 1999-та година“.

Под притисок на ЕУ и САД, по неколку месечни преговори, Приштина подготви законска легислатива за формирање на нов воен суд, т.н специјален суд и специјален обвинител, со седиште во Хаг. Новиот косовски воен суд ќе биде составен од меѓународни судии, но ќе работи по косовските закони. Во април годинава Уставниот суд на Косово, го отфрли законот за специјалниот суд затоа што дел од него не бил во согласност со косовскиот устав. По ревизијата на правилникот во јуни, и зеленото светло од Уставниот суд, од новиот суд најавуваат брзо покренување обвиненија против, како што велат, високи офицери на ОВК.

Додека за западот со работата на овој суд ќе се затвори ова болно поглавје во Балканската историја, во регионот чуствата се измешани. Во Србија го одобруваат, но на Косово го сметаат за пристрасен, кој ќе ги гони само ослободителите.

Во албанската јавност Бериша е жестоко критикуван затоа што објавил непроверени информации, но и затоа што ако се земат в предвид сите претходни сличаи, трговијата со органи таму е чуствителна тема.

Игор Трајков

Веста е прочитана 2498 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.