Бизнисмените предупредуваат дека акцизата ќе им ги зголеми трошоците, прашуваат каде е реформата во јавната администрација

6 November, 2017 - 16:10

Зголемената акциза на дизелот ќе ни ги зголеми трошоците и ќе ни ја намали конкурентноста, го предупредија денеска министерот Тевдовски бизнисмените од Стопанската комора, на јавната дебата за новиот буџет за 2018. Ако веќе ние мора да ја прифатиме таа жртва, прашаа тие, дали Владата ќе излезе со стратегија за реформи во јавната админстрација, за која претходно тврдеше дека е прекубројна и партиска.

„Имавме вулгаризирање на сугестиите околу акцизата, таа не се користи само за да не стимулира да одиме пешки, туку задира во многу сектори кои користат механизација на нафта“, рече Кочовски.

„Дали ова решение за зголемување на акцизата на горивата, која може да има кај нас сериозен импакт, може да го подјаде просторот кој го добиваме со овие средства за зголемување на конкурентноста на македонската економија“, праша Азески.

„Со зголемувањето на акцизата ние ќе имаме импут врз трошоците кој ние ќе треба да го амортизираме и верувам дека тоа било најбезболна мерка која ќе ја прифатиме, но дали Владата е подготвена да направи реструктурирање на јавната администрација. Платите треба да се зголемат, но дали се води сметка дека со години се зборуваше дека администрацијата е партиска и пребројна, а тие се голема буџетска стасвка“, рече Симоновски.

Првиот финансиер, кој вели дека Владата нема да се повлече од зголемувањето на акцизата,  бидејќи тоа е економски оправдано, а нема да важи за мазутот, тврди дека никој не треба да биде загрижен, инфлаторни притисоци нема да има, а инфлацијата в година ќе изнесува 1,7 отсто. На јавната администрација и треба реформа, но некаде и недостигале луѓе.  

В година се планирани 402 милиони евра за капитални инмвестиции, министѕерот вели, се е за цврста инфраструктура, односно патишта, енергетика, гасификација, а не во фасади како досега. Нивната реализација, пак, не е работа само на министерот за финансии.

„Дали може Владата на секои три месеци да ја анализира реализацијата на капиталните инвестиции, и ако има потреба, да се поттикне тоа“, праша Азески.

„Апсолутно е прифатливо, јас како министер за финансии, не на три месеци, туку секој ден ги гледам капиталните инвестиции и се нервирам ако нема поместување“, рече Тевдовски.

Пред бизнисмените првиот финансиер откри еден интересен детал копга се креирал буџетот, дека буџетските корисници имале барања за 500 милиони евра поголеми од оваа буџетска проекција, па ако се исполнеле нивните желби, буџетскиот дефицит ќе бил не 2,7 отстѕо, туку дури 8 проценти.

За долгот на државата кон приватниот сектор, Тевдовски рече дека Во Финансии веќе е направен нов софтвер кој ќе ги прибира овие податоци, и веќе се тестира. Ќе се носи и нов закон со кој сите буџетски корисници ќе мора еднаш месечно да го полнат софверот со податоци.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 3194 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.